Вардар ќе игра во големото финале на СЕХА-лигата, откако успеа да слави во првото полуфинале. Како што и му доликува на нашиот шампион, Брест Мешков немаше сили да се надигрува и на крајот беше високо поразен (33:24). Ниту во еден момент не беше доведена во прашање победата на овој натпревар, имавме постојано водство и контрола на резултатот. На прес-конференцијата после завршување на мечот, задоволството од играта го изрази тренерот на Вардар, Раул Гонзалез, кој го изјави следново:
-Бевме загрижени како ќе изгледа денешниот меч, бидејќи Брест секогаш против нас игра одлично, но вечерва ние победивме и секако дека сум среќен што мојот тим ќе игра во финалето. Игравме добра одбрана, на која се придодаде и денес одличниот Арпад Штербик, кој имаше многу одбранети удари. Во првиот дел имавме само три голови предност, во второто полувреме игравме уште подобро. Со оглед на тоа што немавме официјален меч цел меч, задоволен сум од изданието на моите играчи. Сакам моите играчи побрзо да го заборават овој дуел и целосно да се фокусираат на финалето.
Борозан беше втор стрелец во денешното полуфинале, постигнувајќи вкупно пет голови.
-Честитки за мојот тим за пласманот во финалето. Немам многу што да кажам, освен дека сум задоволен. Сеедно е кој ќе ни биде противник големото финале и борбата за трофејот.