Утре со почеток од 17:30 часот во С.Ц. Јане Сандански екипата на РК Вардар е домаќин на Горење, во рамките на второто коло од СЕХА-лигата. Ова ќе биде прв меч за црвено-црните пре домашната публика во новата сезона. Клубот денес одржи прес-конференција на која ги сподели очекувањата за утрешниот натпревар, а неа пред медиумите се обрати тренерот Раул Гонзалес кој го изјави следново:
-Прв натпревар што ќе го играме дома, во Јане Сандански во новата сезона. Сигурно дека ќе биде тежок меч, зашто Горење има млади играчи и нов тренер. Играат доста брзо, и се силни со одбраната 6-0. Според мене во тој состав најдобрите играчи се Тоскиќ и Брумен. Ние имаме проблеми со повреди кај некои играчи, како Недановски, Карачиќ, Циндриќ, Мораеш. Треба да победиме ако сакаме да играме на Ф4. Нашата цел е да играме на Ф4 и ќе бидеме подготвени за секој поединечен меч.
Жоан Кањелас истакна дека повторно цел на екипата е да игра на завршниот турнир во ова натпреварување и повторно да го освои.
-Ние сме фаворити, но сигурен сум дека ќе биде тешко. Играме добро, но ни треба време. Ние сме истата екипа, но сепак не сме истите. Ни треба подршка од навивачите. Сакаме да играме на Ф4, и треба да победуваме дома. Знаеме дека Горење има нов тренер и играчи, но ова е нова сезона. Тие играат многу брзо и треба да бидеме концентрирани. Треба да ја подобриме играта, и се виде дека играме се подобро. Одиме чекор по чекор.