Пред ракометниот клуб Вардар претстои нов предизвик, мечот на неделата во Лигата на шампионите. Во Скопје во сабота гостува унгарскиот вицепрвак Веспрем. Победата може да ни донесе потврда на второто место на табелата во Група А. Во моментов Вардар е втор со 15 бода, три помалку од првопласираната Барселона, а имаме еден бод повеќе во донос на Веспрем и на Кјелце. Рајн Некар е петтопласиран со 12 бода. По повод овој дуел денес тренерот и капитенот на црвено-црните одржаа прес-конференција.
„Очекувам тешка средба против Веспрем. Ни остануват уште три средби и работевме добро во минатите денови и подготвени сме за она што претстои. Сакаме многу бодови во последните три средби. Ќе ни биде навистина тешко бидејќи Веспрем е квалитетна екипа во која играат многу добри ракометари. Сакаме да победиме и победата е најважна за нас. Во последните денови Борозан и Мораеш работеа заедно со нас и ќе видиме како ќе биде. Доколку биде сè во ред со нив тогаш ќе ги имаме на терен и в сабота. Со Горбок ситуацијата е поинаква. Сигурно ќе помине уште еден месец додека можеме да сметаме на него”, изјави тренерот на Вардар, Роберто Парондо.
„Победата против Рајн Некар ни ја олесни задачата. Тоа нема да не опушти бидејќи не чека уште еден тежок дуел против Веспрем. Подготвени сме за она што претстои и очекувам да одиграме максимално добро за да дојдеме до посакуваниот резултат”, изјави Стоилов.
Поради големиот интерес за натпреварот во продажба се пуштени дополнителни 500 билети за стоење по цена од 150 денари.
Истите се достапни преку www.ticketplus.mk и на билетарницата на СЦ „Јане Сандански”