Загреб е денешниот противник на Вардар во рамките на третото коло од лигата на шампионите. По две одиграни кола, Вардар има исто толку победи, додека шампионот на Хрватска се уште чека на првиот триумф, откако еднаш ремизираше и беше поразен во минатото коло и тоа на домашен терен од тимот на Пик Сегед. Во првото коло ги подели бодовите со екипата на Кристијанштад. Втора сезона по ред, ждрепката сакаше да играме со ППД Загреб, во една од најсилните групи. Да потсетиме дека минатата сезона по една победа им припадна на двете екипи, а токму Загреб беше првиот тим кој успеа да ни нанесе пораз после четири последователни победи во најголемото ракометно натпреварување.
Екипата на Загреб во новата сезона ја засилија шест ракометари. Се работи за репрезентативниот голман на сениорската и младинската репрезентација на Словенија, Урх Кастелиќ, потоа Валентино Равниќ, Матеј Хрстиќ, Тин Лучин, Јосип Божиќ Павлетиќ, Марио Вуглач како и поранешниот репрезентативец на Хрватска, Дамир Бичаниќ. Сепак најголемото засилување за загрепчани пристигна на самиот старт на лигата на шампионите, кога Загреб потпиша со десниот бек и репрезентативец на Катар, се работи за Жарко Марковиќ, кој е замена за повредениот Давид Миклавчиќ. Поранешниот играч на Металург беше и најдобар стрелец на Загреб во прите две одиграни кола на кои постигна вкупно 12 голови, по што е јасно од каде ќе доаѓа најголемата опасност по голот на Вардар. Тука се и искусните Вори, Хорват, како и Јосип и Тончи Валчиќ, но и Мандалиниќ на кој нашата одбрана треба да обрне посебно внимание. Ракометари кои заминаа од Загреб, се голманот, Иван Стевановиќ кој во новата сезона ќе брани за Кадетен Шафхаузен и бекот Лука Шебетиќ кој замина во Трембле од Франција. Нов тренер е Касим Каменица, кој минатата сезона го предводеше Пелистер од Битола.
Доволно се познаваме со Загреб за да има скриени адути кај двете екипи. Последниве шест сезони игравме меѓусебно и во СЕХА-лигата, како на натпреварите од регуларниот дел, така и на завршните турнири. Слично како во ЛШ, така и во СЕХА минатата сезона Загреб беше тимот кој прв ни нанесе пораз, но црвено-црните триуфираа со Скопје, а на најдобар можен начин за поразот вратија кога во полуфиналето на Ф4 во Брест високо го поразивме денешниот противник. Вардар е поквалитетен состав и тоа денес треба да го покаже на теренот, а доколку сакаме да бидеме на првото место на крајот од групната фаза мора да победуваме на секој меч, пред се кога играме пред својата публика. Денешниот дуел со Загреб започнува од 17:00, се надеваме пред преполните трибини во Јане Сандански.