Екипата на Преспа- Вардар е првиот победник, во рамките на денешната програма од ракометната Јуниор лига. Денес во големата сала на спортскиот центар Јане Сандански продолжија финалните натпревари во машка и женска конкуренција.
Првото финале кое се одигра беше помеѓу екипите на РК Преспа и РК Кале- Вардар кај генерација родени 2002/03 година. Се играа две полувремиња, по вкупно 25 минути. Победник беше тимот на РК Преспа, со што го освои првото место во машкиот дел кај оваа генерација. Може да се каже дека заслужено победи тимот на Преспа, иако воопшто не беше лесно против екипата на Кале, која на моменти сериозно се закануваше на предноста на Преспа. Преспа започна фуриозно со два последователни гола на Табаковски за водство од 0:2, но во 7 минута го проследуваме првото израмнување на мечот од 4:4. Во следните пет минути се играше гол за гол на двете страни, Преспа беше екипата која беше во водство, но на секој нивни гол, РК Кале одговараше на ист начин. Гледавме добар натпревар, како и што му доликува на едно големо финале од оваа лига. Повторно Преспак ги враќа оние два гола разлика во своја корист (9:11) во 18 минута од мечот. До крајот на првиот дел, Преспа успева да се одлепи на пет гола разлика и на полувреме да замине со резултат 12:17.
Вториот дел започна со погодок на РК Кале, кој полека но сигурно ја топеше позитивата на Преспа. Голем резултатски пресврт за оваа екипа, која прави серија од 5:0, за во 34 минута да го израмни резултатот на 19.19. До крајот на натпреварот се игра гол за гол на двете страни, но Преспа беше тимот кој беше во постојано водство не поголемо од два гола разлика. Во такава завршница, подобро се снајде тимот предводен од Иван Ангелковски, кој успеа да слави со резултат од 25:26. Така оваа екипа го освои првото место, кај генерацијата родени 2002/03 година. Убедливо најефикасен беше Табаковски со 11 голови, додека Костовски постигна 5. Кај поразениот тим на Кале, се истакна Личоски со 8 погодоци.
Честитки за тимот на РК Преспа, кој во текот на целата сезона играше задоволителен ракомет и покажа добри игри и резултати.