Продолжуваме да ги следиме настапите на Вардаровите ракометари, кои на ова европско првенство настапуваат за своите репрезентации. Нови шест ракометари од црвено-црниот состав, се пласираа во следната групна фаза.
Дибиров, Горбок и Шишкарев со селекцијата на Русија ја остварија втората победа на овој мундијал, против репрезентацијата на Црна Гора. Уште пред стартот на натпреварот Русите важеа за голем фаворит, и таа улога комплетно ја оправдаа и на теренот. Црна Гора беше без својот најдобар играч Вуко Борозан. Уште од стартот се “наѕираше“ победата на Русија, кога поведоа со резултат 8:3. Ова водство успеаа да го одржат до крајот на првите 30 минути, кога на одмор се замина со резултат 14:9. Три од вкупно четирите свои погодоци на овој меч, левото крило на Вардар ги постигна во овој период на игра.
Со половина од своите сили, Русија успеаа да го одигра и второто полувреме, кога во еден момент нивната предност стана двоцифрена. Црна Гора по оној пораз во финишот против Данска, како да немаше веќе сили да се надигрува на ова првенство. Конечниот резултат гласеше 28:21. Најефикасни беа Горбок и Шелменко со 5 постигнати голови. Дибиров додаде 4, додека Шишкарев е стрелец на 2 погодоци. Киреев продолжува со одлични настапи на глот, завршувајќи го овој дуел со 15 одбрани.
Штербик, Македа и Душебаев се останатите тројца ракометари од екипата на Вардар, кои обезбедија продолжен настап на европското првенство. Шпанците забележаа нов триумф, против “тврдата“ селекција на Шведска. Конечниот резултат од 24:22 говори за рамноправноста на овој дуел, иако мора да се напомене дека “фуријата“ го контролираше целиот натпревар и имаше постојано водство. До првата половина на првите 30 минути се играше речиси израмнето без поголемо водство за една од двете селекции. Шпанија го први првиот чекор и се одлепува на 11:7, додека до крајот на првото полувреме резултатот е само 12:10.
Шведска во вториот дел имаше убава можност да го израмни резултатот при негатива од 16:15, сепак тоа не се случи, напротив Шпанија дава три голови во серија за нова најголема предност од 19:15. До крајот на мечот успеаа да поведат и со пет голови разлика, што им даде можност да се олабават во последните две минути, доволно само Шведска да го заврши мечот со два гола негатива или 24:22. Штербик втор натпревар по ред одмараше на клупата, додека Гонзало Перез Де Варгас го заврши дуелот со 17 одбрани. Македа постигна 3 гола во победата, додека Душебаев додаде 1 погодок.
Во новоформираната група, меѓусебно ќе се сретнат селекциите на Русија и Шпанија. Данска и Шпанија ќе стартуваат со 4 бодови. Русија и Германија имаат по 2, додека Шведска и Унгарија ќе започнат без бод. Тоа се вкупно 11 ракометари на Вардар, кои и понатаму ќе ги гледаме на ЕП, вклучувајќи ги и нашите Стоилов, Манасков и Ф. Лазаров, како и Карачиќ и Циндриќ.