Пред нас е шестото коло во машката лига на шампиони, а за нас е најинтересна најсилната група А, каде се натпреварува Европскиот шампион. Победи во ова коло покрај Вардар, забележаа и Барселона, Рајн-Некар и Нант.
Вардар стигна до својата петта победа, откако триумфираше на гостински терен, во дуелот со Кристијанштад. Само во првите шест минути домашниот тим покажа “заби“ кога имаше водство од 5:2, за црвено-црните да фатат ритам и со серија од четири последователни голови да имаат предност од 5:6. На “крилата“ на фантастичниот Штербик од минута во минута зголемувавме. Во 20.минута првпат отидовме на “четири плус“ 7-11, таа предност ја зачувавме се до финишот на првиот дел со игра гол за гол и резултат од 10:15. Многу појасно беше кој ќе ги освои бодовите, кога на стартот на второто полувреме, избраниците на Гонзалес направија серија од 0:3, а домашниот тим се мачеше цели седум минути да го пронајде патот кон нашата мрежа. До крајот на натпреварот игвраме со половина сили, за да славиме со резултат од 23:26. По 8 голови во нашиот состав постигнаа Борозан, Дибиров и Кристопанс, додека кај домаќинот, Гудмундсон и Хенингсон постигнаа по 4 голови.
Барселона очекувано ја победи екипата на ППД Загреб во својата арена “Палау Блауграна“. По почетните 1:1 следеше серија на Барса од четири последователни голови, за серијата да ја прекине Мандалиниќ и да го постигне вториот гол за својот тим. На средината на првото полувреме, домашниот тим маше водство од 10:5, за истото до крајот на првите 30 минути да го зголеми и на одмор да се замине со резултат од 17:8. Во вториот дел избраниците на Чави Паскал имаа и двоцифррена предност, која не им беше тешко да ја задржат до крајот на натпреварот, за конечен резултат од 33:22. Најефикасен кај победникот беше Сипжак со 6 голови, додека кај Загреб по 5 голови постигнаа Хорват и Мандалиниќ. Деби во дресот на каталонците во ЛШ, имаше најновото засилување, Арон Палмарсон кој успеа да постигне еден гол. Ова беше четврта победа за Барселона, која има уште еден нерешен резултат и еден пораз.
Нант се врати во борбата за највисок пласман во групата, откако на гостински терен успеа да ја совлада екипата на Висла Плок и да освои многу важни бодови, во продолжение од групната фаза. Заслужен триумф за Кирил Лазаров и неговиот тим, кој имаше постојано водство и контрола на резултатот во текот на целиот меч. По првиот дел имаа предност од три гола разлика (13:16). Во второто полувреме, Висла се обиде да се доближи резултатски, но највеќе сто успеаа да сторат беше да намалат на два гола разлика, со колку и на крајот Нант триумфираше (30:32). Нант брзо го преболи поразот на домашен терен во француското првенство од екипата на Шамбери и освои важни бодови во лигата на шампионите, на терен каде им е многу тешко на противниците да стигнат до победа. Десното крилото Балагуер постигна 9 голови кај Нант, додека кај поразените крилото Михиќ беше стрелец на пет погодоци. Лазаров само еднаш успеа да погоди. Ова беше трета победа во групата за тимот од Франција, со која се израмни по бројот на освоени бодови со Пик Сегед.
Пик Сегед ја губи борбата за пласман на првите три позиции на крајот од групната фаза, откако на домашен терен беа поразени од подобриот тим на Рајн-Некар. Шампионот на Германија оваа сезона игра одлично во лигата на шампионите и важи за еден од претедентите за пласман на завршниот турнир. Можно одиграа избраниците на Николај Јакобсен, кои покажаа дека се работи за квалитетна екипа, на која противниците треба многу да внимаваат. По првото полувреме имаа солидна предност од 14:19 и во голем дел си ја олеснија задачата во вторите 30 минути. Двете екипи беа ефикасни постигнувајќи вкупно 65 голови, но на крајот двата бода им припаднаа на “лавовите“ од Манхајм, за триумф со резултат 31:34. Швајцарецот Андре Шмит кој се најде во идеалниот тим на колото беше најефикасен со 9 голови, додека кај домаќинот Бодо и Житников имаа по 5 голови. Ова беше четврта победа за екипата на Рајн-Некар.
Како изгледа табелата после шест одиграни кола во најсилната група А, во која лидер е Вардар:
1. Вардар 11
2. Рајн- Некар 10
3. Барселона 9
4. Пик Сегед 7
5. Нант 7
6. ППД Загреб 2
7. Висла Плок 1
8. Кристијанштад 1
Двојки за следното седмо коло се:
ППД Загреб – Вардар
Кристијанштад – Висла Плок
Барселона – Рајн – Некар
Пик Сегед – Нант