Вечерва, екипата на РК Вардар гостува кај екипата на Порто, на натпревар од Лигата на Шампионите. Ова е прв дуел во новата година, што се однесува до настапите во најголемото натпреварување.
Вардарци се наоѓаат на последното место во групата, но имаат најмалку одиграно натпревари, само пет за црвено-црните во првиот дел од сезоната. Гостуваме кај незгоден и квалитетен противник, кој речиси го сочинува „костурот“ на португалската репрезентација. Порто има одиграно вкупно осум натпревари, на кои има скор од две победи, исто толку нерешени резултати, како и четири порази.
Двете екипи одиграа веќе еден натпревар сезонава, оној во С.Ц. Јане Сандански кој заврши со нерешен резултат, тогаш Порто речиси во последните секунди ја погоди нашата мрежа и освои голем бод.
Вардар ќе настапи со истиот состав како на мечот против екипата на Нексе, на кој забележавме минимална победа. Во составот ќе ги нема Дисингер, кој се повреди на дуелот со Војводина, како и Мишевски и Кантегрел, додека своето деби во ЛШ за Вардар ќе го има новото засилување, Васко Шеваљевиќ кој заедно со Талески ќе го понесат товарот на левата бековска позиција.
Очекуваме добра игра на нашиот Вардар и секако позитивен резултат. Првите две екипи од групите обезбедуваат директен пласман во 1/4 финалето, додека екипите од 3-6 позиција ќе играат во осминафиналето на ЛШ.
Вечерашниот натпревар со Порто стартува од 20:45 часот со директен пренос на МТВ.