Екипата на Вардар Јуниор вечерва го одигра натпреварот од 9.коло во ракометната Супер лига, во кое гостуваа на фаворитот, екипата на Еурофарм која очекувано стигна до висока победа изразена со резултат 40:23.
Натпреварот со гол го отвори репрезентативниот пикер, Никола Марковски, додека Вардар Јуниор првиот гол го постигна во 6.минута преку Марко Мишевски за намалување на 2:1. Избраниците на Стојан Петрушевски парираа на противникот се до 20.минута од мечот, кога имавме само еден гол негатива. Првото израмнување се случи во 9.минута кога погоди пикерот Стефан Атанасовски за резултат 4:4. Вардар Јуниор ги имаше само расположените Мишевски и Стефан Атанасовски кои најчесто успеваа да ја погодат противничката мрежа. На голот на Еурофарм одлично започна поранешниот вардарец, Градимир Чаневски кој имаше добро издание на голот на битолчани. Откако Мишевски погоди за 6:5, следеше серија на Еурофарм од три последователни голови за во 14 минута да имаат највисоки четири голови разлика (9:5), по што Стојан Петрушевски побара тајмаут. Минутата одмор даде резултат кај нашите момци, кои со нов гол на Мишевски и два во серија на Цветановски, кој успеа во два наврати да пресече топка, намаливме на само 10:8, додека пикерот Атанасовски покажува дека за него во иднина мора сериозно да се смета, со негов нов гол намаливме само на гол негатива (10:9). На нашиот гол беше Марко Кизиќ кој како и на секој меч даваше максимум и имаше неколку интервенции. Повторно домашниот тим успеа да се одлепи и со серија од 5:0 да стигне до највисоки 15:9, во тие моменти преку брзи контри реализираше уште еден репрезентативец и поранешен играч на Вардар, се работи за Гоце Ојлески. Мишевски за момент ја прекина нашата лоша серија со нов гол, но во последните пет минути од првиот дел, Еурофарм постигна 5 наспротив 3 гола на Вардар Јуниор, за на одмор да имаат убедливо водство од 20:12.
Првиот гол во вториот дел го постигна Стефан Атанасовски за намалување на 20:13, но екипата на Еурофарм постигна шест гола во серија и во 39 минута имаше висока предност од 26:13. На голот во вториот дел беше Јоаким Анѓеловски кој успеа да спречи зицер на противникот од контра-напад. Вториот гол во овој дел од натпреварот го постигнуваме во 40 минута преку Цветановски кој намали на 26:14. Шанса на голот доби и третиот голман, Давид Ставровски. Последниот период од дуелот беше рутина за посилниот и повозрасен тим на Еурофарм кој ја држи лидерската позиција во Супер-лигата, прашање беше само со колкава разлика ќе триумфираат. На крајот конечниот резултат гласеше 40:23.
Ова беше шестти пораз за младиот состав на Вардар Јуниор, кој има уште и три победи.