Во рамки на 3.коло од плеј-аут сегментот вчера тимот на Вардар Јуниор гостуваше кај РК Струга во истоимениот град. Одличен меч одиграа момците на Стојан Петрушевски и Пепи Манасков, се бореа со повозрасниот и поквалитетен противник, за жал беа поразени со 4 гола. Домаќинот триумфираше со резултат 21-17.
Дуелот кој се играше во СЦ „Тими“ започна со доминација на домаќинот кој отвори со 4-0 на почетокот. Следеа минути во кој црвено-црните покажаа квалитет, успевајќи некаде до средината на првиот дел да дојдат на само гол негатива, 7-6. Стружани подобро се снајдоа во втората половина на ова полувреме и заминаа на одмор со три гола на своето конто повеќе од нас, резултатот за време на паузата беше 12-9.
Во вториот дел постојано имаше резултатска „клацкалка“ ние постојано намалувавме на два погодока, а пак домаќинот успеваше да се врати на три и одново потоа ние намалувавме и тие се враќаа на плус три. Еден од најзаслужните што младиот состав на Вардар Јуниор одржуваше резултатска неизвесност беше нашиот голман, Андреј петковски, кој мечот го заврши со „брилијантни 15 одбрани.
Вардаровите момци покажаа карактер, в гостински дуел против фаворит играа цврсто и на ниво. Се до финишот, кога Струга поведоа со четири гола, победувајќи со 21-17.
Најефикасен во нашиот состав беше Дејан Кукуловски кој постигна 8 голови, додека Ѓоргиев Игор имаше 3 погодоци. Ова беше прв пораз за Јуниор во плеј-аут фазата, откако претходно врзавме две победи во дуелите со ГРК Борец и Радовиш.