Thursday ,02 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > БРАВО МОМЦИ, ВАРДАР ГО ПОБЕДИ БРЕСТ И ЌЕ ИГРА ВО ГОЛЕМОТО ФИНАЛЕ НА СЕХА
БРАВО МОМЦИ, ВАРДАР ГО ПОБЕДИ БРЕСТ И ЌЕ ИГРА ВО ГОЛЕМОТО ФИНАЛЕ НА СЕХА

БРАВО МОМЦИ, ВАРДАР ГО ПОБЕДИ БРЕСТ И ЌЕ ИГРА ВО ГОЛЕМОТО ФИНАЛЕ НА СЕХА

Вардар е вториот финалист на Ф4 турнирот во СЕХА-лигата, откако во квалитетен и неизвесен натпревар го победија тимот на Брест Мешков. Славеа црвено-црните со резултат 25:23

Гледавме одлично прво полувреме во арената „Викторија“ во Брест. Првите три гола за Вардар беа дело на тројца различни играчи, се работи за Дибиров, Кристопанс и Стоилов, со кои поведовме со 3:2. Следеа наши лоши пет минути во кои домашниот тим направи серија од 0:3 и со голот на Симон Разгор, а откако претходно одбрани Пешиќ, имаа резултат 3:5 на семафарот во 7.минута од мечот. Лошата серија ја прекина Иван Чупиќ кој по првите 30 минути беше непогрешлив на линијата од седум метри, со негов прв гол намалуваме на 4:5, додека благодарение на првата одбрана на Милосављев, капитенот Стоилов донесе израмнување на 5:5. Брест Мешков само за кратко го врати водството од 6:5 и тоа беше последен пат во првиот дел да бидат во позитива, се играше 12 минута од мечот. На следниот гол противникот чекаше дури осум минути, а за овој период вардарци ја полнеа мрежата на Пешиќ, додека на нашиот гол се пробуди Дејан Милосављев кој беше креатор на стекнатата предност по првиот дел. Благодарение на неговата трета интервенција, Дибиров погоди од контра-напад за 7:6, додека Калараш не успева по втор пат да погоди од зицер позиција, односно голманот Пешиќ одбрани, но за наша среќа останавме во напад, во кој Дисингер го постигнува својот прв гол и зголемува на 8:6. Одличен е Милосављев на нашиот гол, брани речиси зицер на Брест Мешков, а ние се тоа го користиме па со голот на Кристопанс поведуваме со највисоки 9:6 во 20 минута од мечот. Нашиот „зид“ во одбраната тешко се пробиваше и тоа беше клучот за стекнатото водство. Конечно домаќините постигнуваат гол по дури осум минути, истиот е дело на Кулак со кои намалуваат на 9:7. Популарниот „банда“ на нашиот гол покажува дека е во одлична форма, односно тој брани константно добро од почетокот на сезоната, брани нов зицер, вкупно негова 7 одбрана, додека Карачиќ немилосредно казнува за највисоки 11:7 во 22 минута. Во следните пет минути не успеавме да го совладаме Пешиќ кој се израмни со Милосављев по бројот на одбранети топки, а неговиот тим со мини серија од два погодоци смали на 11:9. Кој друг ако не Чупиќ, кога се однесува на ударите од седум метри, најдобриот „пеналџија“ на Вардар со својот трет гол од седум метри носи водство од 12:9 на четири минути пред крајот. Во завршните минути Вардар ги врати најголемите четири гола позитива, благодарение на Кристопанс, кој постигна два последователни голови од својата позиција, од кои последниот беше на 3 секунди пред истекот на првите 30 минути, после кои Вардар замина на одмор со водство од 14:10. Одлична игра за избраниците на Парондо во овој дел од натпреварот во кој имаа контрола на резултатот.

Милосављев добро го стартува вториот дел, но не и неговите соиграчи кои не успеваат да реализираат во првите два напади, додека Мешков веќе постигна два гола, а Разгор од контра не успева да го совлада Милосављев кој стигна до својата 10.одбрана. Дури по шест минути игра погодуваме откако патот до мрежата го пронајде Стоилов за да поведеме со 15:12. Мешков играше поквалитетно во второто полувреме, кој полека ја топеше нашата предност, а Петар Џорџиќ успева во 43 минута да го израмни резултатот на 17:17, по што натпреварот започнува од почеток. Мал број на погодоци за црвени-црните во вториот дел, додека навивачите го кренаа својот тим, кој целосно се врати во игра. Џорџиќ е дефинитивно играчот кој донесе пресврт, повторно овој играч се покажува како нерешлива енигма за нашиот состав, со негов нов силен удар, противникот после долго време има предност од 18:19. Голема борба гледаме за пласман во финалето, се игра гол за гол, а Стоилов е нашиот најефикасен играч кој со својот 6.гол израмни на 21:21. Браво и за Милосављев кој стигна до 14 своја одбрана додека Карачиќ погоди за наше водство од 22:21 на осум минути пред крајот на дуелот. Многу поблиску бевме до победата кога стигнавме и до два гола позитива, додека Милосављев веќе имаше 15 одбрани. На крајот голема победа за Вардар со резултат 25:23.

Најефикасен беше Стоилов со 7 голови, додека Кристопанс постигна 5. Милосављев повторно брилијантен со 15 одбрани. Утре во големото финале со почеток од 19:00 часот ќе играме против ППД Загреб.