Вардар остана без финале на „Супер Глоуб Купот“ откако беше поразен во полуфиналниот дуел против екипата на Кил.
Израмнето гол за гол се играше во првите седум минути, а Кил беше екипата која успеа да поведе прва со два гола разлика (3:5), кога нашата мрежа ја погоди Зарабец. Бргу се вративме, со по еден гол на Скубе и Шишкарев, резултатот повторно беше израмнет на 5:5 во 9 минута од дуелот. На голот имаше промена од првиот меч, така како стартер започна Калифа Гедбан. Гледавме брза игра од страна на противникот, додека Вардар играше мирно во нападот. Со голот на Чупиќ во 14 минута, резултатот на семафорот повторно беше израмнет (8:8), додека Горбок успева со својот прв гол да му донесе водство на Вардар од 10:9, откако го погоди празниот гол на Кил. Гледавме период од пет минути во кој црвено-црните се одлепија на три гола, откако Гедбан стигна и до својата четврта одбрана, неговите соиграчи го наградуваат тоа и со голот на Горпишин, за прв пат имавме позитива од три гола разлика (14:11). Сепак нашата предност не траеше долго време, дозволивме два лесни гола и тоа во контра-напад, додека во нападот немавме решение, се тоа Кил го казнува и израмнува на 14:14. Дибиров ја врати предноста, но Билик беше нерешлива енигма за нашата одбрана, едноставно беше незапирлив, германците влегоа во серија од 0:3 и поведоа со 15:17. Оваа позитива ја задржаа и до крајот на првиот дел, кога на одмор се замина со резултат 17:19. Не делувавме баш добро во одбраната, додека во нападот како да бевме прочитани, па тешко ни беше да ја пробиеме германската одбрана.
Не успеваме да реализираме пенал и да намалиме на само гол негатива, затоа Кил преку Ландин казнува за нова позитива од три гола разлика. Во вториот дел не искористивме два пенали преку Чупиќ, односно Ландин ги брани неговите удари, противникот ја полни нашата мрежа, со голот на Екберг веќе стигна до убедливи 20:26. Натпреварот излезе од контрола за Вардар, Ландин стигна и до својата осма одбрана, а Кил имаше водство од 20:29 во 45 минута. Полека се наѕираше победникот на овој полуфинален дуел, црвено-црните промашија многу зицери, а Кил одржуваше голема предност. Се обидувавме да намалиме, сепак големо беше водството на Кил, па едноставно победникот беше решен. До крајот успеавме да намалиме и завршиме со достоен пораз (30:34).
Во сабота не очекува натпревар за 3.место на ова натпреварување.