Вечерва во С.Ц. Јане Сандански, Вардар загуби од екипата на Киелце, на натпревар од 7.коло во Лигата на Шампионите. На натпревар на кој и двете екипи се менуваа во предност, на крајот полскиот тим се покажа како подобар, забележувајќи триумф со резултат 29:33.
Добро го започнавме натпреварот, кога по 7 минути игра имавме предност од 5:1. Откако и двата голмани, Ристовски и Волф одбранија по една топка, гостинскиот тим прв го отвори резултатот, но црвено-црните вратија со серија од пет последователни голови. Првите два беа дело на Јотиќ, додека погодуваа уште Калараш, Чупиќ и Талески кој ја погоди празната мрежа. Добро започна на голот и Ристовски кој ги впиша првите две одбрани на натпреварот. Сепак, тука како да застанавме, а како течеше натпреварот екипата на Киелце се враќаше во игра. Со голот на Стоилов во 11 минута стигнавме до водство од 7:4, но за само две минути, противникот ја стопи негативата и во 13 минута резултатот на семафорот гласеше 7:7. За кратко ја вративме предноста, кога Дисингер и Дибиров погодија за 9:7, но од тој момент следеше многу лош период во нашата игра. Немавме идеја во нападот, нашите бекови не беа расположени, а нивните удари беа лесен плен за германскиот чувар на мрежата на Киелце, Волф. Киелце направи серија од 0:5 и поведе со 10:12 во 21 минута, што беше повод за Алушовски да повика тај-маут.
Не одеше добро и понатаму, тешко беше да реализираме во нападот, едноставно бевме отсечени, откако и двете екипи промашија по три напади, конечно погодивме преку Дибиров за намалување на 12:14. Противникот постигна два нови голови и поведе со највисоки 12:16. На голот застана и Кантегрел кој одбрани и еден зицер удар на полскиот тим. Во последните секунди од првиот дел, Стоилов се погрижи да ја намали негативата, па на одмор се замина со резултат 13:16.
Првиот гол во вториот дел го псотигна гостинот, но Вардар врати преку Јотиќ и нововлезениот Георгиевски, за намалување на 15:17. После подолго време успеаваме да ја намалиме негативата на само еден гол, откако погоди Јотиќ за резултат 20:21. Бевме во налет, игравме многу подобро, а тоа ни донесе и израмнување, со вториот гол на Валчак резултатот гласеше 21:21 во 43 минута од натпреварот. Истовремено, Кантегрел на голот стигна и до својата петта одбрана.
Киелце долго време немаше постигнат гол, едноставно тешко доаѓаа до изграден удар противникот, а Георгиевски со својот трет гол му носи водство на Вардар од 22:21. На сцена стапи Алекс Душебаев кој го постигна својот осми гол, благодарение на неговите погодоци, Киелце стигна до водство од 23:25, откако претходно Георгиевски, а и Дибиров не реализираа зицер удари. Многу бргу дозволивме да ја загубиме предноста и ритамот во кој бевме, гостинскиот тим повторно врза неколку голови и стигна до три гола позитива, откако Карачиќ го совлада Ристовски, кој повторно се врати на нашиот гол. Падна темпото на игра кај нас, а Киелце на пет минути до крајот стигна и до највисока предност од пет голвои (25:30). Нашите голмани имаа само 7 одбрани, додека Волф на спротивната страна имаше 13 одбрани. На крајот слави Киелце со резултат 29:33.
Кај нас најефикасен беше Јотиќ со 6 голови, додека Дибиров и Чупиќ имаа по 5.