Вардар стигна до нова рутинска и убедлива победа во рамките на супер лигата. Во малата сала на С.Ц. Јане Сандански, избраниците на Гонзалез очекувано ја победија екипата на Пелистер. Конечниот резултат гласеше 44:23.
Гостинската екипа од Битола одржуваше резултатска неизвесност и му парираше на Вардар само во првите десет минути од мечот, кога и се случи последното израмнување на овој дуел (7:7). Натпреварот со гол го отвори Марсениќ, за преку истиов играч за прв пат да имаме и два гола предност (4:2). Во следните пет минути се играше гол за гол на двете страни, а противникот откако сврза два гола во серија успеа да го израмни резултатот на 7:7. Тоа беше се што видовме од екипата на Пелистер на овој дуел. Беше прашање само на време кога ќе тргне налетот на вардарци и онаа нивна серија. Во следниот период направивме серија од 8:0, која започна од Марсениќ а заврши со Борозан, за црвено-црните да поведат со највисоки 15:7. Во оваа серија со по два погодоци учествуваа Чупич, Карачиќ, Борозан, додека по еден гол беа дело на Марсениќ и Кристопанс. На голот одличен беше и Милиќ, кој до крајот на првиот дел стигна и до двоцифрен број на одбранети удари кон неговиот гол. Ја прекуна гостинот серија и по подолго време постигна гол за намалување на 15:8. Позитивата од осум голови разлика ја имавме и во 24 минута, кога за 18:10 зголеми Марсениќ, а со уште еден негов гол и на Чупиќ, Вардар за прв пат на дуелот имаше и двоцифрена предност (20:10). До крајот на првиот дел истата само ја зголемивме, за на одмор да се замине со резултат 23:11.
Второто полувреме го почнавме со различна постава во надот, каде ги видовме Циндриќ и Кањелас, додека на крилните позиции беа Поповски и Недановски. Десен бек остана Кристопанс, додека на пикер стартуваше Стоилов. Токму нововлезениот Поповски го запиша својот прв гол и тоа со удар од седум метри, за предност од 24:11. Во 38 минута со головите на Стоилов и Поповски , нашиот шампион стигна и до најголеми 29:14. Се беше рутина за момците на Гонзалез, прашање беше само на крајот со колкава разлика ќе го добиме овој натпревар. Гол постигна и Циндриќ, па во 43 минута, црвено-црните имаа водство од 33:15, додека со погодокот на Циндриќ имавме веќе 20 гола предност (37:17). На голот застана и Даниел Ѓорѓески, кој исто така имаше неколку одбрани. На крајот славиме поебда, изразена со резултат 44:23
Ова беше осма последователна победа за Вардар во домашното првенство. Веќе во текот на утрешниот ден можеме да се промовираме во старо-нови шампиони на Македонија. До крајот остануваат уште две кола за одигрување, а утре сме домаќини во истава сала на екипата на Пролет. Доколку победиме тоа ќе значи и нова титула за црвено-црните, така што последното коло против Металург кое се игра во Автокоманда ќе нема никакво резултатско значење.