Македонија ја изненади Данската репрезентација која е актуелен светски шампион. На натпреварот кој се одигра во С.Ц. Борис Трајковски во рамките на квалификациите за пласман на ЕП, „четата“ на селекторот Кирил Лазаров ја победија Данска со резултат 33:29.
Македонија имаше предност во најголем дел од натпреварот и на крајот и повеќе од заслужено успеа да стигне до третиот триумф во групата, кој не носи блиску до ЕП во 2022 година. Данска еднаш го израмни резултатот кога беше 7:7, но благодарение на одбраните на Митревски до крајот на првиот дел имавме четири гола позитива, резултатот беше 17:13.
Лазаров кој има улога на селектор-играч одлично ја постави нашата игра и го ротираше својот тим со помош на неговите помошници од клупата, Јоновски и Ангеловски. Се виде промена во нашата игра и со враќањето на Миркуловски, кој има големо искуство па заедно со Лазаров и останатите играчи му приредија ракометна лекција на светскиот шампион кој со „спуштени крилја“ замина од Скопје.
Работите околу конечниот победник стануваа појасни кога Македонија се одлепи и на највисоки 25:17. Данска се обиде да стигне, се доближи на само три гола разлика, но ние бевме сконцентрирани во завршните минути, па не дозволивме неизвесност. Славевме голема победа со резултат 33:29.
Вардаровите играчи беа одлични на овој натпревар. Талески постигна 5, Стоилов 4, додека Георгиевски 2 гола. На голот, „царуваше“ Митревски со 13 одбрани.