Првиот собир во новата година, екипата на РК Вардар ќе го има на 11.јануари. Во првиот дел од сезоната, црвено-црните одиграа само пет натпревари во Лигата на Шампионите, на кој остварија само една победа, еден нерешен резулат и три порази. После завршување на СП во Египет е предвиден пеколен распоред за вардарци, каде ќе има дуели во ЛШ и СЕХА-лигата.
За време на подготовките пред стартот на вториот дел од сезоната, ќе ги нема играчите кои ќе бидат дел од СП. Тоа се сигурно, Кристијан Дисингер и Патрик Валчак кои со Германија односно Полска ќе бидат дел од мундијалот во Египет.
Со оглед дека Македонија нема да игра на СП, Вардар ќе може да смета на Ристовски, Кизиќ, Мишевски, Талевски, Стоилов и Георгиевски. На подготовките ќе се приклучат и руските интернационалци, Калараш и Дибиров.
Јотиќ, Гаџа и Чупиќ го одработуваат подготвителниот период со селекцијата на Хрватска во пресрет на СП, после кој селекторот Червар ќе одлучи дали ќе смета на сите тројца ракометари. Вујин е исто така на потенцијалниот список на селекторот на Србија, но ќе видиме дали ќе биде на конечниот кој ќе патува во Египет. Кантегрел беше на краток одмор во родната земја, па се очекува тој да се појави на 11.јануари кога Алушовски за прв пат во новата година ќе ги построи своите играчи.