Веспрем не дозволи изненадување пред своите навивачи и успеа да ја победи екипата на Брест Мешков, во рамките на претпоследното коло во рамките на групата А.
Брест Мешков добро го започна натпреварот и интересно по 13.минути игра од мечот имаше водство од 1:5. Домашниот тим не можеше да ја пронајде својата игра, а противникот ги казнуваше нивните грешки. Сепак како одминуваше првото полувреме, унгарците полека но сигурно ја топеа негативата. По 15 минути игра резултатот беше 2:6, но Веспрем успеа да направи серија од 4:2 и да намали на 6:8. До крајот на првиот дел, Брест Мешков беше во водство, кое не беше повисоко од два гола, а по истекот на првите 30 минути, домаќинот имаше негатива од само еден гол (9:10).
Долгата клупа и можноста на Дејвис постојано да ротира со играчите си го направија своето. Слично како и на мечот во Скопје, така и на овој дуел, Веспрем успеа целосно да го сврти резултатот во своја корист. Со голот на Ненадиќ направија пресврт и поведоа со 11:10, додека својот прв гол во второто полувреме, гостинскиот тим го постигна дури во 37 минута и тоа од пенал кога реализираше Џукиќ. Роланд Миклер беше еден од најзаслужните за победата, речиси во секој втор напад на Брест Мешков имаше интервенција на својот гол и дуелот го заврши со двоцифрен број на одбранети удари. Тој беше мотивот на неговите соиграчи да започнат резултатски да се одлепуваат. Последното израмнување се случи во 39 минута кога со голот на Разгор резултатот беше 13:13. Забрзаниот Веспрем за само пет минути направи серија од 4:1 и поведе со највисоки три гола позитива (17:14). Миклер продолжи да брани, а во контра напад реализираше Благотиншек за водство од 20:15. На крајот испадна и убедлива победа за Веспрем (28:20), со која го превзедоа второто место во групата А.
Во последното 14.коло не очекува интересна развршница за конечниот пласман на табелата. Вардар на домашен терен го пречекува Монпелје, додека Веспрем оди на гости кај екипата на Киелце. Останува да видиме што ќе се случува во последното коло, во кое се е можно.