После поразот од екипата на ППД Загреб во Лигата на Шампионите, нашиот Вардар успеа да стигне до победа на натпревар во домашната Супер лига. Вечерва во С.Ц. Јане Сандански, црвено-црните го победија тимот на ГРК Охрид, за вкупно 13.триумф сезонава во домашната лига. Конечниот резултат гласеше 33:26.
Пред почетокот на натпреварот, Вардар и Веселин Вујовиќ спогодбено го раскинаа договорот, па на денешниот натпревар тимот го водеа Стојан Петрушевски и Владо Недановски. Вардар отвори со голот на Дибиров со удар од седум метри, додека во својот прв напад погоди и гостинската екипа. Предноста ја врати Куни Моралес. На денешниот натпревар настапивме со 14 ракометари, додека во составот немаше неколку искусни ракометари, како браќата Њокас, потоа Стоилов, Валчак, Кудуз, Диало, Чувара. После 6.минути игра стигнавме до највисоки три гола разлика (6:3), откако во контра напад погоди Гоце Георгиевски. Во меѓувреме, Вардар не искористи напад и за плус четири гола, додека Ристовски одбрани удар од седум метри, но гостинската екипа со серија од 0:3 во 14 минута успева да го израмни резултатот. Сепак од тој период, црвено-црните направија серија од 8:0 по што беше јасно кој ќе ги освои бодовите на овој дуел, откако победовме со високи 14:6, за истата разлика од осум голови да биде актуелна на полувреме, кога на одмор се замина со резултат 17:9, со погодокот на Дибиров од седум метри.
Во второто полувреме, екипата на Охрид успеа да намали во два наврати на пет гола негатива, но нашиот шампион со серија од погодоци имаше контрола на резултатот. Рутински го одигравме вториот дел и со половина сили успеавме на крајот да стигнеме до нова победа во домашното првенство.
Најефикасен во нашите редови убедливо беше Тимур Дибиров со 11 голови, додека по 4 постигнаа Анте Гаџа, Филип Талески и Марко Мишевски. Во среда, Вардарци патуваат за Битола, каде ги очекува дербито на колото во кое ќе играат со екипата на Еурофарм Пелистер.