Вардарци немаат повеќе право на грешка и денес мора да одат на победа во дуелот со Елверум. Со евентуален триумф ќе се искачиме место погоре на табелата, односно ќе го избегнеме дното во групата барем до наредниот натпревар.
Вардар прв пат сезонава се среќава со тимот на Елверум во рамките на групната фаза. Се работи за различен противник од останатите екипи, кој негува брз стил на игра, скандинависки тим во кој доминираат домашни ракометари, но и интернационалци од Шведска. Сепак најголема ѕвезда во тимот е францускиот репрезентативец, Лук Абало кој на почетокот на сезоната пристигна во Елверум од екипата на ПСЖ.
Елверум има девет одиграни натпревари, на кои оствари две победи и седум порази. Последниот триумф го остварија на крајот од изминатата година кога на свој терен го победија Брест Мешков, додека пред четири дена загубија убедливо на гостувањето кај екипата на Киелце.
Вардарци се наоѓаат во лоша серија од пет последователни порази и само една победа во досегашниот дел од сезоната. Двата домашни натпревари со норешкиот шампион се добри за да се стигне до триумф и да се подигне самодовербата за предизвиците кои ни следат во наредниот период.
Во составот поради повреда повторно ќе го нема Борко Ристовски, но тука е одличниот Кантегрел кој блесна на минатиот меч со Пик Сегед, како и младиот Марко Кизиќ кој секогаш е желен за докажување.
Денешниот натпревар стартува од 16:00 часот со директен пренос на МРТ-1.