Седмиот натпревар на нашата машка јуниорска репрезентација на Европското првенство за кошаркари до 18 години го донесе и првиот пораз по девет дена откако започна натпреварувањето во Орадеа, Романија.
Нашите јуниорски репрезентативци минаа низ групната фаза без пораз, а потоа ја поразија и Естонија во рамки на четвртфиналето, но во полуфиналниот натпревар против Израел го запишаа првиот пораз со 66-78 (18-16, 6-27, 19-18, 23-17). Во дресот на Македонија настапи и вардарецот, Виктор Ташковски кој одига речиси шест минути.
За кошаркарите кои ги бранат националните бои ништо не е загубено. Согласно системот за натпреварување, првите три пласирани репрезентации идното лето ќе настапуваат во најдобрите шеснаесет во Европа. Па така, нашите јуниори денес против Чешка (17:30) ќе имаат шанса за пласман во А дивизија во натпреварот за трето место.