Екипата на ФК Вардар ги одработува последните подготовки, пред реванш натпреварот од 1.квалификациско коло против екипата на Пјуник од Ерменија.
Бразилскиот интернационалец во редовите на црвено-црните, Виктор Нилдо Јуфо започна со индивидуални тренинзи, посебно од неговите соиграчи, што значи дека нема да биде подготвен да му помогне на својот тим ниту на реваншот. Позитивни вести се дека се е во ред со ерменскиот репрезентативец, Тигран Барсегјан кој тренира нормално со екипата и ќе биде во комбинација за мечот во четврток.
Постои голема веројатност и шанса за настап во првиот тим во четврток да добие и Јован Попзлатанов, кој треба да стартува на десната крилна позиција, играчот кој не добиваше многу шанса од Бабунски, а кој сепак располага со квалитет и може да му помогне на Вардар, за да се помине првата елиминациска пречка во Лигата на Европа. Промени би требало да има и на средината на теренот, дел од теренот кој не функционираше кај Вардар, на првиот меч одигран во Ерменија. Познато е дека од денес со екипата работи Александар Васоски како прв тренер, а помошниците кои беа и претходно со тимот на подготовките, остануваат да му помогнат на Васоски, за реванш натпреварот против Пјуник.