Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Uncategorized > Девојките на ЖКК Вардар се “бисер“ на црвено-црното семејство, две Куп титули за две години функционирање
Девојките на ЖКК Вардар се “бисер“ на црвено-црното семејство, две Куп титули за две години функционирање

Девојките на ЖКК Вардар се “бисер“ на црвено-црното семејство, две Куп титули за две години функционирање

По повод 70.години на КК Вардар и С.Д Вардар кошаркарскиот црвено-црн колектив реши да ја активира женската кошаркарска сениорска секција. Тоа се покажа како правилен избор бидејќи за две години дојдовме до два куп Пехара и до две вице-шампионски места во лигата.

19 февруари 2017 е датум кој исто така со златни букви ќе биде испишан во историјата на КК Вардар. По долгогодишна пауза женскиот клуб на КК Вардар повторно се активираше во 2016 година, а камбекот не можеше да биде подобар – веќе во првата сезона „црвено-црните“ се закитија и со значаен трофеј – оној од Купот на Македонија за сезоната 2016/2017. Бадел можеби важеше за велесила на домашната сцена, но тоа беше случај сè до камбекот на голема врата на „вардарки“, кои во финалето што се одигра во салата „Јасмин“ во Ка­вадарци триумфираа над градскиот ривал со 69-65.

Финалето изобилуваше со неизвесност, двете екипи се менуваа во водство, а успехот на нашиот тим е уште поголем ако се знае дека во завршницата игравме без Едина Муса, но сепак успеавме да се закитиме со трофејот. Згора на тоа, на завршниот турнир во Кавадарци не можевме да сметаме ниту на Делисиа Шарп, центарот од САД, кој поради повреда не можеше да му се стави на располагање на тренерот Андриевски.

Финалната пресметка стартуваше во знакот на нашиот тим, па со тројката на Муса набрзина победовме со 12-3. Првата четвртина ја завршивме со предност од 24-22, за на одмор да заминеме со 42-37, но јасно беше дека „баделки“ нема лесно да се откажат од трофејот што го освојуваа во претходните три години. Противникот одигра нешто подобро во третата четвртина, во последниот период се играше израмнето, а на шест и пол минути до крајот проблемите станаа многу сериозни по петтата лична грешка на Муса.

Сепак, Вардар е најсилен кога е најважно, тоа се покажа и во ова финале кога во ситуација кога го немавме капитенот на теренот, сепак најдовме сили за голема победа против бранителот на трофејот. Пресудна беше одбраната во клучните моменти, откако во последните две минути не му дозволивме на Бадел да постигне ниту еден единствен поен, па на крајот заслужено славевме со 69-65 за испишување на клупска историја – прв куп-трофеј за женскиот клуб на Вардар.

Едина Муса се закити со признанието МВП на завршниот турнир, апсолутно заслужено откако во финалето оствари дабл-дабл од 23.

2018 ВАРДАРКИ ГО ОСВОИЈА ТРОФЕЈОТ ОД КУПОТ!

Трофејот од Купот и оваа година останува во витрините на Вардар. Кошаркарките во црно-црвениот дрес, во реприза од минатогодишното куп-финале повторно ги совладаа противничките од Бадел 1862 и го освоија Купот на Република Македонија.

Избраничките на Срѓан Дамјановски беа мотивирани од самиот почеток, да им вратат на баделки за двата пораза во домашното првенство. Разликата во инспирацијата на актерките на теренот беше очигледна од самиот почеток земајќи го предвид фактот дека додека вардарки реализираа осум поени, на кошаркарките на Перо Стамески не им одеше реализацијата од рака. Повика тренерот на Бадел 1862 тајмаут, ги построи своите кошаркарки кои започнаа да ги завршуваат акциите со реализација, но не беа доволно брзи и ефикасни за да ја намалат разликата која веќе стана двоцифрена. На почетокот на вториот дел од натпреврот актуелниот шампион во домашното првенство намали на само седум поени негатива, за да брзо потоа повторно започне да каска. Вардарки одново ја зголемија позитивата со која си ја загарантираа победата уште пред да започне последниот период.

Во финишот, Вардар славеше со 50-72 (10-23, 16-13, 13-17, 11-19)