Македонската кадетска репрезентација стигна до петтата победа од исто толку одиграни натпревари, на ЕХФ Шампионатот во Грузија. Избраниците на Брестовац утрово ја совладаа и екипата на Естонија.
Само во еден момент, противникот имаше предност и тоа во 5.минута од мечот, за нашите надежи во следниот период целосно да ја превземат контролата на теренот. Игравме одлично во одбраната, тоа ни овозможуваше и константно да ја зголемуваме предноста, која после истекот на првите 30 минути, гласеше девет голови разлика (16:7). Имавме контрола на резултатот и во второто полувреме, кога стигнавме до највисоки осум голови предност. Најмногу што успеа да стори Естонија е да намали на четири гола негатива, со колку и го завршија натпреварот (26:22).
Од вардаровите играчи, двајца играчи се запишаа во листата на стрелци. Тоа беа десното крило, Ален Ќосевски и левиот бек, Игор Ѓорѓиев, кои постигнаа по два гола. Во очекување сме на противникот во полуфиналето, кое ќе се одигра во сабота од 17:15 часот.
МАКЕДОНИЈА: Василевски 1 (10 одб., 2 сед.), Кизиќ, Тодески 1, Божиновски 1, Карапалески, Каковски 1, Кондев, Серафимов 1, Митиќ 1, Костески 4, Ѓорѓиев 2, Џигероски 4, Анѓелковски, Ќосевски 2, Витанов 1, Симоноски 7