Утрово на теренот на Академијата, пријателски натпревар одиграа пионерските екипи на Вардар и Шкупи. Избраниците на Игор Кралевски беа убедливи, совладувајќи го тимот од Чаир со резултат 5:1.
Вардар: Станковски, Петејчук, Костовски, Крстевски, Симев, Величковиќ, Гугуљанов, Речица, Хасани, Омерагиќ, Демири.
Уште по првото полувреме, вардарци го решија победникот на овој контролен дуел, кога на одмор заминаа со висока предност од 4:1. Резултатот на овој натпревар го отвори Далибор Костовски, кој погоди со глава, после нафрлена топка од корнер, носејќи му водство на својот тим од 1:0. Денес стоперите на Вардар беа во главна улога, па и вториот гол падна од играч кој игра во стоперската линија, тоа беше Виктор Крстевски, кој ја зголеми предноста на Вардар на 2:0. Одлично играше Вардар на овој меч и постојано беше во атак, кон противничкиот гол. Во листата на стрелци се запишува и Азер Омерагиќ за резултат од 3:0. До крајот на првиот дел по уште еден гол во двете мрежи. Со вториот погодок на Крстевски, Вардар поведе со 4:0, додека почесен гол даде и Шкупи, за на полувреме да одиме со резултат од 4:1.
Во второто полувреме, падна еден гол и тоа во мрежата на Шкупи, а истиот го постигна Ринор Исеини. Одличен меч за пионерите на Вардар, кои од следниот викенд ја стартуваат сезоната, со дуел на гостински терен, против тимот на Македонија Ѓ.П.