Кошаркарската селекција на Македонија до 16 години обезбеди пласман во најдобрите осум тима на Европското првенство (дивизија Б) кое од деветти август се одигрува во босанската престолнина, Сараево. Според правилата во ова натпреварување најдобрите осум екипи на ова првенство ќе атакуваат на првите три места, кои следната година ќе носат настап во првата дивизија.
За нас клучен натпревар е вечерашниот во 1/4-финалето против Романија против која мора да победиме и да обезбедиме место во топ-4 тимови. Потоа со само една победа на двата меча би имале место во топ-3 што значи промоција во посилна конкуренција и дуели со поквалитетните европски селекции во иднина. Црвено-жолтите досега играат одлично на овој собир, во рамки на групната фаза запишаа четири победи и само еден пораз, со што се стационираа на второто место на табелата во групата Б. Натпреварот од 1/4-финалето се игра денес, 16.август и истиот е закажан со почеток во 21-00 часот. Мечот ќе го одиграме во салата “Сабид Хаџиќ“ во Сараево. Треба да се напомене дека вардарецот, Марко Величковски е една од најважните алки на овој црвено-жолт тим.