Денес стартуваше силниот меѓународен турнир “КУЛ Куп 2018„ во организација на фудбалската школа Кул. Настап во првото коло од групната фаза имаа и две генерации на Вардар, родени “2007„ и “2009„ година, на кој забележавме половичен успех.
Победа на премиерниот дуел забележа генерацијата родени “2007“ година, која е предводена од Горан Петрески. Нашите млади надежи и повеќе од заслужено успеаа да слават во дуелот со екипата на АЛ Барса. Ако искористивме барем половина од шансите кои ги имавме, на крајот победата ќе беше изразена со поголема разлика. На крајот конечниот резултат гласеше 2:0, се играше без полувреме, мечот траеше 30 минути, на кој доминираа црвено-црните. Првата поконкретна акција ја направија Томовски кој асистираше до Грашески, овој за малку доцнеше во реакцијата, па шансата помина без голема опасност кон противничкиот гол. Сепак иницијативата ја крунисавме со гол, кога за водство од 1:0 погоди Стефан Младеновски.
Како што напоменавме имавме целосна доминација на овој натпревар и постојано притискавме кон голот на Ал Барса. Во следните две акции, еден ист играч се најде во прилика да го зголеми резултатот. Тоа беше Марко Киш, но голманот на чаирчани на два пати го одбрани неговиот удар. Следните минути му припаднаа на Младеновски кој имаше можност да постигне нов гол, но тоа не му успева, во првиот обид одбрани противничкиот чувар, а во втората прилика на додадена топка од Томовски, Младеновски биеше покрај голот.
Сепак противникот имаше голема прилика, единствена на овој дуел, кога еден од нивните играчи ја погоди пречката од голот на Лука Јаневски, кој немаше многу работа на овој натпревар. Вардар имаше можност за нов гол, но Стефан Кузаревски ја погоди стативата од голот на Ал Барса. Во последната минута од мечот, Младеновски постигна втор гол на мечот и ги постави конечните 2:0 на овој натпревар.
Генерацијата родени “2009„ година не поминаа добро, откако го загубија мечот од екипата на Омладинац од Србија. Мечот го загубивме со резултат 1:4, на дуел на кој противнкот беше подобар. Првиот директен удар за Вардар го имаше Јаков Стојковски, кој заврши во рацете на голманот, имавме уште една прилика која остана неискористена. Омладинац прв дојде во водство, кога еден од нивните играчи погоди од прекин, за предност од 0:1.
Избраниците на Зоран Петковски успеаа да се вратат во игра и со голот на Марко Петровски да го израмнат резултатот на 1:1. Сепак тоа беше се од вардарци на отварање на турнирот. Противникот од Србија до крајот на овој дуел постигна уште три нови голови и ги постави конечните 1:4 на овој меч, кој траеше 25 минути без полувреме.
Во текот на денешниот ден, во попладневниот термин од 16:00 часот, двете генерации на Вардар ќе одиграат уште по еден натпревар.