Пионерите на ФК Вардар се елиминирани во осминафиналната рунда од купот на Македонија, откако во пенал серијата беа поразени од екипата на Работнички. Во регуларниот дел мечот заврши без голови, 0:0.
Тренерот Кралевски стартуваше со следниот состав: Величковски, Асани, Костовски, Крстевски, Величковиќ, Гугуљанов, Хасани, Исени, Петејчук, Речица, Омерагиќ (c).
Првата голема прилика на овој дуел ја имаше екипата на Работнички, но вардаровиот стопер, Виктор Крстевски спаси чист погодок и во последен момент ја извади топката од гол линијата. Повторно се закани гостинската екипа, но ударот оди покрај голот. Прва измена во нашите редови, од игра излезе Костовски, на негово место е Фисник Салиу. Избраниците на Кралевски се ослободија од почетниот притисок на гостите, па започнаа да напаѓаат кон противничкиот гол. Исени се обиде со глава, но само над голот на Рботнички, а во иста прилика се најде и Омерагиќ но без реализација. Втора измена кај Вардар, во игра е Дамјан Трајковски на местото на Исени. Токму Трајковски имаше обид, но одбрани голманот на противникот. До крајот на првиот дел без поголеми возбудувања, па на пауза од десеттина минути се оди со почетните 0:0.
Вардар можеше предвреме да го реши победникот, доколку Азер Омерагиќ го реализираше пеналот. После играњето со рака на еден од противничките играчи во својот шеснаесетник, главниот судија покажа на белата точка. Азер ја зема топката пласираше, но добро процени противничкиот голман и го одбрани неговиот удар. Во игра влезе и Атом Фазлиу, на местото на Салиу. Гледавме тврд натпревар и во вториот дел, повторно во прилика се најде Омерагиќ кој биеше со глава, но одбрани голманот. Се закани и гостинската екипа, кога од 20-сетина метри шутираа, но Величковски ја изби топката во корнер. Се помалку време остануваше за двете екипи, последен се закани Хасани но со крајни напори одбрани голманот на Работнички, кој е најзаслужен што неговиот тим оди во следната елиминациска рунда. Во регуларните 80 минути резултатот е 0:0.
Се пристапи кон изведување на пенали, а таму подобар беше Работнички, кој славеше со резултат 7:6. За Вардар промашија Хасани и тоа во првата серија, потоа Трајановски во четвртата и Фазлиу во деветтата. Погодија успешно Омерагиќ, Асани, Величковиќ, Петејчук, Речица и Крстевски. Матеј Величковски одбрани два удари на противникот. За жал пом.пионери на Вардар предвреме ги завршија настапите во купот и останува до крајот на сезоната да се сконцетрираат на одбрана на трофејот во првенството.