Вардар стигна и до четвртата последователна победа во најсилната група А од Лигата на Шампионите. По голема борба и со пресврт во вториот дел црвено-црните успеаа да ја победат екипата на Рајн-Некар со резултат 29:27. Со овој триумф се зацврстивме на првото место на табелата, пред гостувањето кај екипата на Киелце. На прес-конференцијата пред медиумите своите впечатоци од триумфот ги споделија тренерот Парондо и Иван Чупиќ.
-Благодарност до играчите што одиграа добар меч. Тешко е да се игра против тим како Рајн Некар Левен, но на крајот победивме. Мислам дека во првиот дел не реализиравме неколку шанси, второто беше поквалитетно. Но, на крајот најважна е победата.
Хрватското крило реагираше на изјавите на противничкиот тренер дека немало фер судење на овој меч
-Втор меч по ред на пресови се зборува за судии на натпреварите кои ги игра Вардар. Петнаесет години сум во ракометот, и сум бил оштетуван од судиите, па никому ништо. Треба да се биде голем и во поразите и да се признаат поразите. Рајн Некар нема притисок кога игра во гости, секогаш е феноменален, одлична одбрана и одлични голмани. Но ние покажавме карактер, и на сите што платија влезници им покажавме борба со „новиот“ Вардар. Можеби ќе загубиме на следниот меч, но ветувам дека ќе продолжиме да се бориме, истакна Чупиќ.