Црвено-црните успешно ја стартуваа новата натпреварувачка сезона во сеха лигата. Речиси со половина сили , ја впишавме првата победа во ова натпреварување. Војводина покажа отпор само во првата половина на првото полувреме, кога и одржуваше резултатска рамнотежа. Од тогаш натаму се беше во знак на нашиот ракометен шампион.
Штербик ја затвори ролетната на својот гол, а неговите соиграчи почнаа да играат подобро и во нападот. Не беше потребно многу време, за да ја зголемиме предноста и на полувреме да заминеме со двоцифрена предност. Гонзалес умешно ротираше од клупата, давајќи им подеднаква шанса за игра на сите ракометари кои беа на располагање. Во составот ги немаа Ангелов, Брумен и Лацковиќ. Но и без нив, Вардар е многу квалитетен за овој тим на Војводина, кој сепак не разочара многу со својата игра.
Имаше период во вториот дел, кога направија серија од неколку голови, но доволна само за намалување на негативата на седум гола. Црвено-црните повторно го засилја темпото на игра и не оставија ништо на случајноста. Штербик за само едно полувреме на голот забележа 16 успешни интервенции, во вториот дел шанса на голот доби Градимир Чаневски. Солидно ја оправда укажаната доверба од Гонзалес, завршувајќи го мечот со 8 одбрани.
Освен Лазаров и Душебаев, сите играчи кои влегоа во игра се впишаа во листата на стрелци. Дибиров беше најефикасен со 6 голови, еден помалку за Манасков. По 4 голови додадоа Шишкарев и Македа. Веќе во сабота, гостуваме на екипата на Макс Струмица, во рамките на 2 коло од сеха лигата.
Фото: rkvardar.mk