Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Ракометно “ел класико“ Вардар пред преполна арена и најдобрите навивачи ќе оди на победа против Барселона
Ракометно “ел класико“ Вардар пред преполна арена и најдобрите навивачи ќе оди на победа против Барселона

Ракометно “ел класико“ Вардар пред преполна арена и најдобрите навивачи ќе оди на победа против Барселона

Наредните три натпревари за Вардар можат да дадат патоказ на кое место би завршиле црвено-црните во најсилната група А. Првиот од овие три се игра вечерва во С.Ц. Јане Сандански, во кој ќе гостува екипата на Барселона, која според последниот ранкинг на ЕХФ се најде на првото место, односно како најголем претедент оваа сезона да ја освои Европската титула.

Несомнено, тимот од каталонија игра одлично оваа сезона и заедно со Вардар се на делба на првите две позиции, кои носат поволен распоред на патот до пласман на завршниот турнир во Келн, пред се првата позиција која обезбедува директен пласман во четвртфиналето, а за него се борат токму екипите на Вардар и Барселона, кои вечерва во директен судир ќе одредат кој ќе биде на врвот на табелата после комплетирање на 7.коло во ЛШ. Избраниците на Чави Пасквал се во серија од пет победи во најголемото натпреварување. За нив сезоната не започна најдобро со пораз на гостински терен од екипата на Рајн-Некар, но после тој меч, Барселона нанижа пет последователни победи. На почетокот на новата сезона, шампионот на Шпанија осетно се засили во походот да ја освои Лигата на Шампионите. Тимот го засилија Тиаго Петруш кој дојде од Пик Сегед, потоа Кевин Мелер од Фелнсбург, Гилберто Дуарте од Висла Плок, Каспер Мортенсен од Хановер и Лудовик Фабрегас од Монпелје. Од минатата сезона во екипата го нема специјалистот во одбраната, Виран Морос кој замина во ПСЖ, како и Жаел Валуз кој е позајмен во екипата на Фуксе Берлин, како и македонскиот репрезентативен голман, Борко Ристовски кој настапува за Бенфика.

Најголема опасност по нашиот гол на денешниот дуел ќе бидат репрезентативците на Франција, Дика Мем и Тимотеј Нгесан, како и од најдобриот стрелец на екипата, засилувањето на левата крилна позиција, се работи за данецот Мортенсен, кој после шест одиграни кола има постигнато 30 голови. Не смеат да се заборават ниту пикерите Фабрегас и Сорондо, голманот, Перез Де Варгас како и исланѓанецот, Арон Палмарсон кој исто така знае често да има шутерски ден и десниот бек, Јуре Доленец. Барса ја краси цврста одбрана и квалитетни играчи на секоја позиција, па Пасквал има по најмалку двајца добри ракометари на секоја позиција.

Во претходниве пет сезони, двете екипи одиграле пет меѓусебни натпревари, од кои Вардар доби два дуели, четири му припаднаа на противникот, додека еднаш мечот заврши со нерешен резултат.

Вардар – Барселона 29:29, Барселона- Вардар 30:23 ( групна фаза, сезона 2013/14)

Вардар – Барселона 25:27, Барселона – Вардар 31:30 ( групна фаза, сезона 2015/16)

Вардар – Барселона 26:25 ( полуфинале на Ф4 во Келн, сезона 2016/17)

Вардар – Барселона 27:24, Барселона – Вардар 29:28 ( групна фаза, сезона 2017/18).

Кај Вардар радува фактот што во составот се враќа Вуко Борозан кој ја одработи суспензијата од еден меч поради добиениот црвен картон со Киелце. Мораес Фереира кој не настапи на дуелот со Нексе, поради повреда на коленото, вечерва ќе биде на располагање на тренерот Парондо за овој тежок дуел. Дисингер полека се вклопува во екипата, а Парондо доста го користи и во одбраната, а се надеваме дека на овој меч ќе даде и повеќе во нападот. Знаееме од поодамна дека арената Јане Сандански е целосно распродадена, а клубот продаде и дополнителни 700 билети за стоење. Не се сомневаме дека атмосферата ќе биде феноменална , а сите кои нема да бидат во сала, директен пренос од мечот можат да проследат на Арена Спорт 4 со почеток од 17:00 часот.

ОДИМЕ НА ПОБЕДА, АЈДЕ, АЈДЕ ВАРДАРЕ !!