Кристијан Дисингер беше последното и најново засилување за Вардар во оваа натпреварувачка сезона. Инаку, Дисингер ќе влезе и во историјата на клубот, како првиот германец кој заиграл во црвено-црниот дрес. Во интервју за медиумите во Германија, левиот бек зборува за условите во Вардар, за начинот на работа и целите на Вардар во оваа сезона. Дисингер истакна дека се работи за голем клуб со сите неопходни услови кои се потребни на секој врвен играч.
-Вардар ги има сите услови кои му се неопходни на еден ракометар, се работи за клуб кој игра во силен ритам и бележи добри резултати. Имаме сала за тренинг и натпревари, во чиј склоп се наоѓа фитнес центар, базен, хотел, вежбалница а исто така имаме и физиотерапевти на располагање. Тренираме два пати на ден, а после тренинзите ја посетуваме салата за вежбање. Имаме и ресторан за храна, која се наоѓа во склоп на арената каде ги играме натпреварите, па не мораш да одиш по градот за јадење. Имаш можност целиот ден да го поминуваш во сала и да ги извршуваш сите активности кои ти се потребни.
Како и во претходните така и оваа сезона, целта ќе биде да се освои СЕХА лигата и да се стигне на Ф4 во Келн. Тука секако се и домашните натпреварувања, во Супер лигата и во купот.
-Примарна цел на Вардар е најпрво да се пласира на завршните турнири во ЛШ и СЕХА-лигата. Во април следната година започнуваме и со настапи во домашното првенство, во кое не смееме да загубиме меч. СЕХА-лигата исто така е квалитетна, во која се натпреваруваат екипи кои играат во Лигата на Шампионите и во ЕХФ купот. Сите цели кои ги има клубот, истовремено се и мои приоритети.
Дисингер полека влегува во потребниот играчки ритам, на последниот дуел против Брест Мешков, тој беше втор најдобар стрелец со 6 постигнати голови.
-Не ми се најважни головите кои ги постигнувам, туку самодовербата која полека враќам, а која истата ја загубив кога играв за Кил. Нашиот тренер сака да победуваме, не е важно кој бил најдобар стрелец на мечот.. Најважно е што тренерот смета на мене и ми дава да играм по 30 минути на натпревар што е добро, со оглед на краткиот период во кој сум со екипата. Се чустувам одлично во Скопје, заврши Дисингер.