Почнувајќи од вечерва па во наредниве 12 дена, екипата на РК Вардар ја очекува згуснат распоред во СЕХА-Лигата. Црвено-црните треба да одиграат четири натпревари, од кои три се на гостински терен и само еден пред домашната публика.
Како што знаеме вечерва, избраниците на Парондо гостуваат на екипата на Металург, тоа е екипа против која имаме седум последователни победи во ова натпреварување, а последен пат противникот се радувал на триумф пред пет години. По три дена односно во сабота не очекува ново гостување, овој пат кај тимот кој е предводен од поранешниот вардаров тренер, Веселин Вујовиќ, тоа е екипата на Железничар, меч закажан за на 08.12 со почеток од 20:15 часот. На првиот дуел одигран во С.Ц. Јане Сандански славеше Вардар и тоа убедливо (35:20), што е најголема победа за Вардарци во оваа сезона.
Последниот домашен натпревар за оваа календарска година во С.Ц. Јане Сандански ќе го одиграме на 12-ти декември против екипата на Татран Прешов, која е претедент за пласман на завршниот турнир во ова натпреварување. На првиот меч одигран во Прешов, Вардар успеа да победи, но минимално со еден гол разлика (26:27), така што ќе не очекува интересен натпревар и во Скопје. За крај на годината следува гостување во Романија, против дебитантот во СЕХА-лигата, тоа е тимот на Стеауа од Букурешт. Пред своите навивачи ги совладавме романците, со резултат 27:21, но на домашен терен Стеауа игра многу подобро и ќе се обиде да направи изненадување на овој натпревар, кој е закажан за на 17-ти декември.