Sunday ,24 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Со половина од силите, Вардар го победи Железничар и остана на врвот на табелата
Со половина од силите, Вардар го победи Железничар и остана на врвот на табелата

Со половина од силите, Вардар го победи Железничар и остана на врвот на табелата

Вардарци стигнаа и до деветтата победа во СЕХА-лигата, откако вечерва славеа на гостувањето кај екипата на Железничар.

Избраниците на Гарсија Парондо имаа лош старт на овој дуел, со оглед дека првиот гол го постигнавме уште во 7.минута од мечот преку Стас Скубе. Домашниот тим отвори со серија од 2:0, за нашиот шампион од 7-9 минута да постигне четири последователни голови и да поведе со 2:4. На голот беше Дејан Милосављев кој во првите минути имаше две успешни интервенции. И на овој меч во составот недостасуваа Дибиров и Стоилов, па товарот на левата крилна и позицијата пикер отпаднаа на Недановски и Калараш. Вардар во текот на целото прво полувреме беше во предност, не поголема од три гола разлика. Во овој дел од мечот немаше многу голови и на двете страни видовме неколку технички грешки. Највисокото водство од три гола го достигнавме во 28 минута кога погоди Недановски за предност од 7:10, за противникот да врати со два гола во серија и да намали на 9:10. Во последната минута од мечот најпрво во контра-напад погоди Поповски за 9:12, за последниот гол во првиот дел да го постигне поранешниот вардарец, Добривоје Марковиќ за резултат 10:12 на полувреме. Кисељев беше наш најефикасен играч во првиот дел, постигнувајќи 3 голови.

По три минути игра во вториот дел направивме серија од 1:4 и се одлепивме од противникот, предност за Вардар од 11:16 со два последователни голови на Калараш. Сепак истиов играч добива директен црвен картон, по што Вардар останува на пикерската позиција со младиот Стефан Атанасовски. Следиме серија на Железничар од 3:0 за прв пат на овој меч, што значеше намалување на 15:17 во 40 минута од дуелот. Нова одбрана вкупно шестта за Милосављев кој се уште е на голот на Вардар, додека Чупиќ со својот трет гол од седум метри зголеми на 15:19.  Со половина од силите игравме и на овој натпревар без неколку играчи, но доволно да одржуваме предност и да имаме контрола на резултатот. Милосављев одбрани зицер удар на противникот и не дозволи намалување на само еден гол. На крајот неизвесност, откако Вардар промаши неколку удари во нападот, но сепак слави со резултат 22:24.

Најефикасен беше Кристијан Дисингер со 5 голови, додека Кристопанс и Чупиќ додадоа по 4. Во следното коло на домашен терен сме домаќини на екипата на Татран Прешов.