Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Никола Цветановски: Ние сме најмлад тим, сепак сме Вардар и не се откажуваме толку лесно
Никола Цветановски: Ние сме најмлад тим, сепак  сме Вардар и не се откажуваме толку лесно

Никола Цветановски: Ние сме најмлад тим, сепак сме Вардар и не се откажуваме толку лесно

Вардар Јуниор е тим составен од млади момци кои се натпреваруваат на два фронта, предводен од искусниот Стојан Петрушевски и Пепи Манасков. Во Супер лигата се убедливо најмлад колектив каде се борат “лавовски“ со искусните и повозрасните тимови во најсилната лига. Во младинската лига се во најдобрата тројка по есенскиот дел, иако во истата не може да се фокусираат целосно поради огромниот напор кој е потребен за бројните мечеви во сениорската конкуренција.

Дел од овој тим е Никола Цветановски, млад играч од ракометниот расадник, градот Струга. Станува збор за играч кој со овој спорт почнал да се занимава дури на 15.години, сепак вреден и предан спортист чиј напредок има галопирачки размери. Тоа е жесток во “одбранбениот ѕид“, го краси цврста игра, особено при блокирањето на удари каде има енормно изразената способност за висок одраз. Брзо се адаптираше на системот на играње во Вардар иако релативно кратко во Скопје, што покажува голема желба и талент за оваа игра. Во нападот игра тимски и кративно, во овој сегмент има посебен напредок користејќи ја брзината, подвижноста и можноста за брзо размислување која ја поседува како индивидуа.  Во продолжение ви носиме интервју со вардаровата 77-ца.

a

1. На почетокот Никола запознај не со твоите ракометни почетоци, како се движеше твојата кариера до доаѓањето во црвено-црниот тим и кога се случи истото?

-Моите први контакти со  ракометната игра ги  започнав на своја 15 годишна возраст, иако можеби подоцна од вообичајното време за почнување сепак се покажа дека ракомеот е мој “животен пат“. Искуство  во истиот спорт стекнав во ракометната школа РК Јуниор предводена од Јаковче Матлиески. Во оваа школа каде постепено напредував од ден во ден бев речиси три години се додека не бев повикан во Вардар. Дел од големото црвено-црно семејство станав пред речиси две година,  годината кога Вардар стана  шампион на “стариот континент“, поточно во  јануари 2017 година.

2. Како се адаптираше во Скопје, стручниот штаб се повеќе смета на тебе и добиваш позначајна улога во тимот, задоволен ли  си од претстојот во црвено-црниот тим и твоите игри? 

-Шансата да бидеш дел од овој клуб истовремено беше и голем предизвик за мене. Работев многу за да се вклопам во екипата, сепак   на крајот успеав. Мора да кажам дека сум задоволен сум од својата игра иако како што се вели- секогаш може повеќе. Морам да потенцитам дека   сум навистина задоволен од шансата што ми ја дава тренерот да ги покажам своите квалитети во црвено-црниот табор. Првата година играв само одбрана, меѓутоа оваа полусезона тренерот Петрушевски ми даде шанса и ми искажа доверба на позицијата лев бек што искрено и најмногу ми одговара. Се надевам дека во вториот дел од сезонава па и понатака многу подобро и поквалитетно ќе придонесувам во нападот на мојот тим.

a3

3. Супер лигата, се боревте со многу предизвици, вие сте најмлад тим имавте тежок распоред, како го оценуваш есенскиот дел во истата ?

Настапот во најквалитетната ракометна машка конкуренција во земјата, Супер лига е  навистина голем и тежок предизвик за нас. Како најмлада екипа немавме некој добар резултат и не сме баш задоволни, сепак моравме да минеме некои “детски болести“.  Се наоѓаме на 9 место на табелата што и не е некој успех. Есенва имаме навистина тешки противници, но и доста повозрасни. Ние како тим можевме повеќе, се надевам дека со многу работа и труд ќе надокнадиме  во втората полусезона кога и очекувам подобри резултати.

4. Во младинската лига на “зимување“ заминувате како тим кој е во топ-3 делот од групата, имате забележителни резултати, како ја оценуваш есенската полусезона и остварените резултати во оваа највозрасна младинска лига?

a7

Да во младинска лига сме во  во топ-3 на есенската пауза, задоволни сме од резултатот и од нашата игра. Сепак  можевме повеќе ова есен која ја  завршивме со само два  изгубени натпревари. Мислам дека  натпреварот против  Струга можеше да го завршиме и со  триумф,  тоа беше дуел  кој беше загубен само поради наши грешки и наше невнимание, но верувам дека сите тие грешки ќе бидат поправени и ќе го покажеме она што го знаеме напролет. Колективот созрева од ден во ден, со напорна работа резултатите се неизбежни, се надевам истите нема да не одминат во продолжение.

5. Кои се твоите очекувања од Супер лигата, Купот на Република Македонија и младинската конкуренција за пролетниот дел кој ве очекува по крајот на зимската пауза?

Нашата желба е да прикажеме добра игра  и напредок  во двете конкуренции и во националниот Куп. Во суперлигашката конкуренција да одиграме со повосоко ниво и да созрееме како сениорски тим бидејќи сме најмлади во лигата. Во младинската  ќе  се бориме за лидерското  место во нашата група и пласман на завршницата. Јас велам работа, работа и само работа и успехот е  неминовен, истиот мора да дојде. Млади сме, но сепак ние сме Вардар и не се откажуваме толку лесно.

Михајло Тушевски