Вчера стартуваше Светското ракометно првенство, на кое први победи забележаа домашните селекции на Германија и Данска. Денес е вториот натпреварувачки ден на мундијалот, а со настапи ќе започнат и вардаровите играчи кои се дел од своите репрезентации.
За нас најважен е натпреварот на Македонија кој стартува од 15:30 часот, а противник ни е селекцијата на Јапонија. Избраниците на Гонзалез се фаворити на овој дуел и таа улога треба да ја оправдаат на теренот. Веќе се објавени и составите за денешниот дуел, а за Македонија ќе настапат и единствените играчи од Вардар, се работи за Стојанче Стоилов и Мартин Поповски. Директен пренос од натпреварот можете да проследите на МРТ-1 и Арена Спорт 1.
Интересен ќе биде и дуелот помеѓу селекциите на Русија и Србија, натпревар кој стартува од 18:00 часот, со директен преност на Арена Спорт 1. На овој дуел на теренот ќе видиме и пет играчи од Вардар. Во селекцијата на Русија се дури четворица, Дибиров, Калараш, Шишкарев и Кисељев ќе се обидат да ја победат Србија, за која на голот нема да биде Дејан Милосављев. Селекторот реши тој да биде денес резерва и да остане на трибините.
Во истиот термин од 18:00 часот ќе стартува и другиот натпревар од нашата група, во која се среќаваат селекциите на Хрватска и Исланд. Во составот на Хрватска за овој дуел се најде Игор Карачиќ, на кој неговата селекција е фаворит за победа против Исланд. Овој дуел ќе се пренесува на Арена Спорт 2.