Најголемото изненадување на денешниот ден на Светското ракометно првенство го направи селекцијата на Русија, која успеа да освои бод во дуелот со домашната селекција на Германија.
Можеби ретко кој се надеваше дека Русија може да и откине бодови на Германија, посебно после првите две убедливи партии на мундијалот. Избраниците на Кокшаров успеаа да го отворат резултатот, а потоа и да поведат со 3:2. Сепак следеше добар период за домашната селекција кога успеа да постигне три последователни голови и да дојде до водство од 3:5, за прв пат една од селекциите имаше два гола позитива. Русија не се откажуваше, играа одлично во одбраната и во целост го запраа германскиот напад, посебно нивните бекови. Одличен на голот беше и Киреев, а неговата селекција во следните седум минути повторно го врти резултатот во своја корист и поведе со 7:6. До последните три минути од првиот дел се играше гол за гол, кога резултатот беше 10:10, но Германија успева да ги постигне последните два гола и да поведе со 10:12.
Првиот гол во вториот дел им припадна на домашната селекција кога поведоа со 10:13, додека во 35 минута имаа и најголема предност од четири голови 11:15. Во најголем дел од второто полувреме, германците имаа водство кое се движеше од 2-3 голови разлика, но Русија ниту во еден момент не се откажа од можноста да освои бодови на овој меч. Имаа избраниците на Прокоп и водство од 21:22, но Русија успеа да израмни. Домаќинот имаше напад за победа, но Русија успеа да се одбрани, на крајот конечни 22:22.
Дибиров повторно беше играч број еден на натпреварот, успевајќи да постигне 8 голови. Шишкарев успеа да постигне 4 голови, зад името на Кисељев стоеа 2 гола, додека Калараш беше стрелец на 1 гол. Одлично издание имаше и голманот Киреев. Дибиров втор пат на мундијалот е прогласен за играч на мечот.