Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Одиме на прва победа во новата година, утре Вардар гостува кај Војводина
Одиме на прва победа во новата година, утре Вардар гостува кај Војводина

Одиме на прва победа во новата година, утре Вардар гостува кај Војводина

Утре со почеток од 17:15 часот, Вардар ќе гостува на екипата на Војводина, во рамките на 14.коло од СЕХА-лигата. Ова ќе биде прв дуел за црвено-црните во новата година.

Секогаш е тешко да се игра после една пауза, кога тимот не е комплетен, а кај голем дел од играчите се уште постои замор од Светското првенство кое беше актуелно во изминатиов период. Сепак нема многу време, за одмор, па во наредниов период не очекуваат тешки натпревари, а мечот против Војводина ќе биде само загревање за она што не очекува во месец февруари. Вардар против шампионот на Србија ќе биде ослабен за неиграњето на Борозан, Гедбан, Фереира и Горбок, кои тренираат, но одвоено од екипата, па сигурно нема да бидат во составот за овој натпревар во СЕХА-лигата, а ќе го нема ниту Игор Карачиќ кој доби некој ден повеќе поштеда, со оглед дека најмногу се задржа на мундијалот.

Што се однесува до екипата на Војводина, тие се наоѓаат на шесстото место на табелата, со освоени 16 бодови. Пред овој меч имаат пет победи, еден нерешен резултат и седум победи. За одбележување се победите на домашен терен против екипите на Брест Мешков и Металург. Интересно најдобриот стрелец во ова натпреварување доаѓа токму од нашиот утрешен противник, се работи за Милош Грозданиќ кој води убедливо на листата на најдобри стрелци, со вкупно 86 постигнати голови. Сепак од клубот известуваат дека неговиот настап против Вардар е под знак прашалник поради повреда и не е познато дали тој ќе биде во составот. Сигурно нема во комбинација да бидат од претходно повредените Овчина и Ратковиќ.

На последните десет меѓусебни дуели на овие две екипи, Вардар има дури девет победи, а последниот пораз од Војводина сме го доживеале пред скоро пет години, кога во Скопје имаме загубено со резултат 23:25. Најубедливиот триумф на Вардар во дуелите со противникот е пред две сезони кога во С.Ц. Јане Сандански, сме победиле со резултат 37:22, додека првиот меч оваа сезона одигран на домашен терен го добивме исто така, со резултат 33:26.

Вардар е фаворит на овој меч, но сепак Војводина не е за потценување, а отсуството на неколку важни играчи кај Вардар му дава за право на противникот, дека може да се надева на неизвесен меч. Натпреварот против Војводина ќе биде последна увертира пред многу важниот дуел во ЛШ и гостувањето кај екипата на Рајн-Некар. Од утрешниот меч, директен пренос можете да проследите на МРТ и Арена Спорт 1.