Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар со преполовен состав го победи Извиѓач
Вардар со преполовен состав го победи Извиѓач

Вардар со преполовен состав го победи Извиѓач

Иако со преполовен состав, сепак Вардар се покажа како пресилен за тимот на Извиѓач на натпревар од последното коло во регуларниот дел на СЕХА-лигата. Црвено-црните триумфираа со резултат 28:31.

На првиот гол се чекаше цели пет минути а истиот го постигна Вардар преку Кисељев, односно рускиот десен бек беше стрелец на првите три гола за нашиот состав. На голот започна Калифа Гедбан, кој домашните играчи цели 9 минути не успеаа да го совладаат, период за кој алжирецот имаше три одбрани. Во нападот игравме со Поповски, Недановски, Фереира, Кисељев, Војводиќ и Кукуловски.  Две минути им беа потребни на Извиѓач да го израмнат резултатот на 3:3, кое беше последно на овој натпревар. Со двата гола на Поповски и еден на Фереира за прв пат имавме три гола позитива (3:6) во 12.минута од натпреварот. Истава позитива ја имавме уште во три наврати, а Вардар како одминуваше првиот дел постепено ја зголемуваше предноста. Шанса во нападот доби и младиот Дејан Кукуловски, па токму со неговите два гола во серија, црвено-црните поведоа и со шест голови разлика (7:13) во 24 минута од дуелот. Со истава позитива заврши и првото полувреме, кога резултатот на семафорот стоеше 10:16.

Со петтиот гол на Поповски започна вториот дел за водство на Вардар од 10:17. Имавме и 12:19, но следуваа минути кога домашниот тим постигна два гола во серија и намали на 14:19, затоа Стоилов во улога на среден бек пстигна гол и зголеми на 14:20. Вардар му дозволи на противникот да ја преполови негативата и во 40 минута да има водство од само три гола, 17:20 беше резултатот во тој момент. Сепак избраниците на Парондо не дозволија опуштање, набрзина постигнаа три нови голови и зголемија на 17:23. Денес одличен е Гедбан, кој веќе стигна и до 12 одбрани на голот и не дозволи на домашниот тим да намали на само два гола разлика, а Шишкарев постигнува гол за водство од 24:28. Вардар е доволно квалитетен за да дозволи ново изненадување, слави победа со резултат 28:31.

Мартин Поповски беше најдобар стрелец кај Вардар со 9 погодоци, додека Гедбан имаше 16 одбрани.

Вардар со 14 победи и 4 порази го заврши регуларниот дел од сезоната. По комлетирање на утрешните натпревари од последното коло, ќе биде познат и конечниот пласман на табелата, како и полуфиналните двојки на Ф4 турнирот кој оваа сезона ќе се одигра во Брест.