Утре со почеток од 20:30 часот на програмата е првиот осминафинален дуел од Лигата на Шампионите, помеѓу екипите на ППД Загреб и Вардар. Црвено-црните ќе се обидат да стигнат до позитивен резултат пред реваншот во Скопје, каде ќе се одлучува патникот во следната елиминациска рунда. Загреб одржа прес-конференција, на која нивниот предводник од клупата, Бранко Тамше, за медиумите ги искажа очекувањата за мечот со Вардар.
-Морам најпрво да ги пофалам моите играчи за напорната работа и добрата игра со која стигнаа до ова осминафинале. Сите знаеме какви промени претрпе екипата во новата сезона имаше многу нови играчи, некои останаа, а голем дел од нив си заминаа. Пред нас е двомеч со поранешен Европски шампион, тим кој е составен од добри играчи и покриен на сите позиции. Според информациите кои ги имам, во составот им се враќаат и некои од повредените играчи, па сигурно дека комплетни ќе излезат на утрешниот натпревар против нас. Не очекува навистина тежок натпревар, ние тренираме напорно, но имаме мали проблеми со повредени играчи.
Тамше верува во своите играчи, иако смета дека Вардар е силен противник, сепак вели дека и негоиот тим има свои адути.
-И ние имаме свои адути, можам да ветам дека мојот тим ќе даде максимум од себе, се надевам во добро издание и остварување на позитивен резултат. Вардар е навистина силен противник, но и ние имаме свои шанси, истакна Тамше.