Победнички старт на турнирот во Бугарија имаше и генерацијата на ФК Вардар родени 2006 година. Попладнево избраниците на Филип Спасевски за противник во првото коло ја имаа екипата на Марек од Дупница, која ја совладаа со резултат 3:1 и на тој начин ги освоија првите бодови на турнирот.
Во првото полувреме имаше изедначена игра со блага иницијатива на нашата екипа. Први доаѓаме во водство од 1:0 со голот на Алтин Алији. Противникот израмнува на 1:1 со гол од слободен удар. До крајот на полувремето Вардар повторно доаѓа до предност од 2:1 со вториот гол на Алтин Алији. Во вториот дел бевме подобри и како резултат на тоа дојде и голот кој го постигна Ангел Настевски, по еден соло пробив за конечен резултат од 3:1. Тренерот Спасевски шанса за игра им даде на сите играчи.
Победничко прво коло на турнирот имаше и генерацијата 2007, која ја совлада екипата на Рилски Спортист (2:0). Во меѓувреме оваа генерација одигра и пријателски натпревар со екипата на Розова Долина, која ја победивме убедливо со резултат 6:1. Хет-трик на мечот постигна Стефан Младеновски, додека по еден гол беа дело на Злате Радевски, Александар Грашески и Јулијан Битиќи.
Најубедливата победа на првиот натпреварувачки ден е за генерацијата 2009, која беше подобра од Пирдоп, откако славеше со убедливи 16:0. Во текот на утрешниот ден продолжуваат натпреварите на турнирот за нашите генерации.