Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Slider > ВАРДАР ИМА СРЦЕ И КАРАКТЕР, МОМЦИ ОДИМЕ ВО КЕЛН ПО НОВА ЕВРОПСКА ТИТУЛА
ВАРДАР ИМА СРЦЕ И КАРАКТЕР, МОМЦИ ОДИМЕ ВО КЕЛН ПО НОВА ЕВРОПСКА ТИТУЛА

ВАРДАР ИМА СРЦЕ И КАРАКТЕР, МОМЦИ ОДИМЕ ВО КЕЛН ПО НОВА ЕВРОПСКА ТИТУЛА

Вардар успеа да ја сочува предноста од осум голови и да се пласира на завршниот турнир во Келн. Иако во еден момент имавме негатива од 9 голови, Вардар се врати и ќе има можност повторно да се бори за скапоцениот трофеј.

Вардар го одигра најлошото прво полувреме во последниве пет години, во кое застанавме само на 9 голови. Почетокот на мечот не наговестуваше ваков тек на првите 30 минути. Беа потребни дури пет минути за една од екипите да постигнат гол, а тоа го стори Сигурмансон кој погоди од седум метри за отварање на резултатот, додека кај Вардар врати Скубе за израмнување на резултатот. Милосављев добро започна на голот, со две одбрани, но за жал на тие застана во првото полувреме, што беше и една од причините за високата предност на домашниот тим. Имавме во два наврати и позитива, откако погодуваше Кристопанс под пасивен пад, а последен пат предноста ја почуствувавме во 9 минута, кога резултатот на семафорот беше 3:4. Од тие моменти словенскиот репрезентативец во редовите на Пик Сегед, Деан Бомбач го започна своето гол шоу, едноставно немавме никаква против игра за овој играч, кој речиси сам играше на теренот. Токму со негови два гола во серија и еден на Банхиди, противникот поведе со 7:4 во 14 минута од дуелот, а во прилог на домаќинот одеше и исклучувањето на Фереира кој се побуни на добиен жолт картон, па судиската двојка од Шпанија освен што му даде исклучување, ни го одзема нападот. И се започна од тој момент, а Карачиќ беше играчот кој за момент само ја прекина лошата серија и намали на 7:5. Започна нов налет на Пик Сегед, а ние едноставно како да игравме без одбрана, многу брзо и лесно дозволувавме да примиме без голови, без пред тоа да направиме фаул и прекин во нападот на домаќинот. Бомбач и Калман беа играчите кои зголемија на 11:6, а кај нас повторно како привремен спасител се најде Карачиќ кој постигна гол и намали на 11:7 во 21 минута. Сепак не се промени на подобро играта на Вардар, немавме никаква идеја во нападот, а во одбраната не личевме на себе. Цели осум минути ни беа потребни да постигнеме нов гол, а за тој период Бомбач, Балог и Сигурмансон го полнеа нашиот гол, па во 28 минута тие беа екипата која е поблиску до пласман на завршниот турнир во Келн, со оглед дека ја надминаа онаа наша предност од 8 гола, на семафорот стоеа неверојатни 16:7 за Пик Сегед. Кристопанс намали, но врати Пик Сегед, а за наша среќа во последните шест секунди погоди Дибиров, за резултат 17:9 на полувреме.

Добро го стартувавме вториот дел, кога погодија Дибиров и Карачиќ, за само една минута успеавме да намалиме на 17:11. Борбениот Стоилов донесе надеж, кога со втор гол по ред намали на 19:13, но повторно правиме грешки и дозволуваме противникот да се разигра. Калараш не успеа да погоди зицер, а Чупиќ се забрза да постигнува гол, кој не му успева. Сегед повторно е во серија од 3:0 и ги враќа оние највисоки девет голови од првиот дел, резултатот е 22:13 во 37 минута. Браво за Карачиќ, кој е наш најефикасен играч во моментов, повторно постигнува гол и намалува на 23:16, но немаме голмански интервенции што е наш најголем проблем на овој меч. Повторно се враќаме во игра, кога со головите на Карачиќ и Кристопанс смаливме на шест гола негатива (25:19), но се уште ги чекаме одбраните на нашите голмани, кои денес се непрепознатливи. Сигурмансон прошани пенал, Македа доби исклучување поради намерно играње со нога, а големиот борец Стоилов успева да постигне гол и да намали на пет гола негатива (25:20) во 47 минута. Ново исклучување за домаќинот поради груб фаул над Карачиќ со што Пик Сегед остана со 4 играчи во поле. Бомбач прави пробивање, а ние во напад успеваме да постигнеме гол преку Дибиров и да намалиме на само 25:21. Тоа што го баравме, Милосављев фаќа две топки, Кристопанс погодува за страшна серија на Вардар, намалуваме на само три гола негатива, на десет минути пред крај. Гледаме голема борба на теренот, домаќинот по секоја цена се обидува да се врати во игра, Вардар не попушта. Со голот на Македа, Пик Сегед стигна до пет гола позитива, на четири минути пред крајот. Домаќинот не се помири со поразот, па настанаа инциденти на теренот, на крајот Сегед слави со 29:25, но Вардар ќе оди во Келн.

Вардар, ПСЖ, Барселона и Веспрем се екипите кои ќе играат на Ф4 турнирот во Келн.