Иако Вардар загуби на реваншот во Унгарија (29:25), сепак црвено-црните се тие кои ќе патуваат на завршниот турнир во Келн, благодарение на високиот триумф од првиот меч одигран во Скопје, кога славевме со резултат 31:23. Пик Сегед во првото полувреме ја достигна онаа негатива од осум голови, дури во еден момент имаа и девет гола разлика, но Вардар се врати во второто полувреме, кога намали на само два гола негатива, па унгарците немаа сили за нов подвиг. На прес-конференцијата после завршување на мечот, своите впечатоци ги сподели вардаровиот тренер.
-Ова е навистина чудесно. Завршивме голема работа со играта во второто полувреме, на момците треба само да им се честита за покажаниот карактер. Лошо игравме во првиот дел во двата правци, но се соочивме во соблекувалната и сите ракометари беа решени да го покажат најдоброто издание. Победата е за сите наши навивачи во Македонија и оние кои ни дадоа подршка тука во Сегедин. Ова е најслаткиот „фајнал-фор“ од сите три, изјави Гарсија Парондо.