Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Slider > Нека се повтори 2017 година, Вардар и Барса во „судир„ за финале во ЛШ

Нека се повтори 2017 година, Вардар и Барса во „судир„ за финале во ЛШ

Трета година по ред тимот на Вардар ќе го гледаме на завршниот турнир во Келн, во друштво на најдобрите екипи од Европа. Нова можност за црвено-црните да се искачат на врвот и да ја повторат 2017 година, кога успеавме да ја освоиме Европската титула.

Историјата и оваа сезона се повторува, повторно екипата на Барселона е противникот на Вардар во полуфиналето и последната пречка кон големото финале. Што е поразлично од тој дуел од пред две години, Барселона повторно е фаворит за победа, но срцето вардарово и карактерот на играчите е ист. Многу од играчите кои со Вардар ја кренаа Европската титула, или ги нема во Келн, или пак ќе настапат за други екипи и исто така ќе се борат за скапоцениот трофеј. Во Вардар нема имиња како Штербик, Абутовиќ, Циндриќ, Душебаев, Македа, Марсениќ, многу е поразличен моменталниот состав од тој кој успеа да ја освои Лигата на Шампионите. Сепак нашиот шампион и оваа сезона се издигна, иако пред почетокот на сезоната беа потценети од сите ракометни експерти. Го докажевме спротивното, одевме чекор по чекор и еве сега повторно сме во Келн, со нова шанса да ја освоиме и втората Европска титула.

За ралика од пред две години, сега на Вардар се гледа со многу голем респект, од сите екипи учесници на Ф4, а посебно од нашиот денешен противник. Од таборот на шпанскиот шампион најавија дека финале за нив е токму мечот со Вардар, од тука може да се види како каталонците гледаат на Вардар. Од друга страна, нашите ракометари повторно, како и вообичаено скромни во изјавите, дека Барселона играше оваа сезона најдобар ракомет и дека тие се повторно фаворити во овој полуфинален дуел. Така беше и пред две години, но црвено-црните тоагаш направија голем подвиг и со голот на Лука Циндриќ во последните секунди ја урнаа Барселона и ја одземаа шансата да се борат за титулата.

Завршниот турнир во Келн ќе биде последен за неколку ракометари кои од следната сезона нема да ги гледаме во Вардар. Тука посебно се мисли на ракометниот „моцарт“ Игор Карачиќ кој седум години беше дел од клубот, во кој остави посебен белег, со неговите, игри, пожртвуваноста, голем број на трофеи и признанија за нашиот играч, кој за жал од следната сезона ќе го гледаме во дресот на Киелце. Тука е и Мораес Фереира, кој одигра добри три сезони, и исто така беше дел од шампионската генерација пред две години. Младиот голман, Дејан Милосављев, исто така заминува од екипата и се сели во Фуксе Берлин, неизвесна е судбината во Вардар уште на неколку играчи, чиј статус ќе биде познат после завршување на Ф4 во Келн. Има многу причини Вардар да ја повтори историјата од пред две години, токму заминувањето на неколку ракометари може да биде повод за тимот да остави срце на терен и повторно да ја „шокира“ ракометна Европа. Секако дека нема да биде лесно, пред себе денес го имаме сигурно тимот кој прикажа најдобар ракомет до сега. Избраниците на Чави Пасквал имаа само два порази и тоа на гостински терен, во првото коло против Рајн-Некар и во претпоследното против Веспрем, дуел кој немаше за нив никакво резутатско значење. Со Барселона бевме заедно дел од најсилната група А, се сретнавме на два пати, натпревари на кои славеше шпанскиот гигант. Сепак денешното полуфинале нема никаква врска со тие мечеви, кои се забораваат и сите погледи се вперени денес во „Ланксес арената“ кога двата тима ќе се судрат и ќе водат голема борба до последната секунда.

Тренерот Парондо може да смета на својот најсилен состав, кој во моментов го има на располагање. Познато е од поодамна дека Вуко Борозан предвреме го напушти клубот и нема да биде во можност да му помогне на Вардар во овие најважни мечеви сезонава. Среќна околност беше враќањето на Кристијан Дисингер, кој сите ги изненади со појавувањето на теренот, откако германецот заработи страшна повреда во финалето на СЕХА-лигата. Беше најавувана и операција, но Дисингер се реши да заврши завршниот турнир во Келн, па да оди на оперативен зафат. Сигурно дека неговото присуство на теренот ќе биде од огромно значење на тимот, посебно на левата бековска позиција, каде го имаме уште и Горбок. Карачиќ заедно со Скубе ќе бидат задолжени да ја организираат играта, иако првиот сигурно дека ќе добие минути и на позицијата лев бек. Го имаме најдобриот голман за оваа сезона, играчот кој беше прогласен за трансфер број еден на сезоната, Дејан Милосављев, кој се најде во ОЛ-СТАР тимот, а тука се и најдобрите крила исто така за оваа сезона, искусните Дибиров и Чупиќ, чие присуство на теренот е непроценливо за тимот. Даинис Кристопанс, најдобриот десен бек за оваа сезона, ќе мора да понесе најголем дел од товарот во нападот, додека во одбраната ќе има поддршка од Калараш. Играчот кој има срце како планина, јунакот македонски и најборбениот пикер, тоа е нашиот капитен, Стојанче Стоилов кој повторно ќе води голема борба, со Сорондо, Фабрегас и другите противнички играчи, а тука е и бразилецот Фереира, кој знае да влезе во гол серија. Тука се и сите останати играчи, кои со своето искуство треба заедно да помогнат во уште едно големо достигнување на екипата.

Ни останува само да им држиме среќа на вардарци пред малите екрани, како и оние околу 500 навивачи кои ќе им дадат поддршка од местото на настанот во Келн. Директен пренос од дуелот можете да погледнете на Арена Спорт 2, со почеток од 18:00 часот.

АЈДЕ, АЈДЕ ВАРДАРЕЕ !!