Пионерската екипа на ЖРК Вардар зад себе има сезона за паметење, овие млади девојки направија нешто неверојатно. Успеаа да ги обединат пионерската и кадетската титула во иста сезона, нешто што ретко на кој му успеало. Ако во пионерската лига и беше помалку очекувано, во кадетската лига тоа е висински успех да се стане „владетел“ во конкуренција каде играш со повозрасни девојки. Тимот предводен од Платон и Папуџиева покрај ова освои и два меѓународни турнири во Скопје и во Белград. Во продолжение ве запознаваме со еден од поистакнатите членови на овој тим.
Станива збор за Бојана Радевска, десното крило на оваа екипа. Таа на најдобар можен начин ја финишираше сезоната кога на кадетскиот Ф-4 турнир беше избрана во иделната постава како признание за нејзиниот несомнен квалитет кој го поседува. Радевска е навидум кревка, но е безмилосен играч во дефанзивата, противничките крила ретко се наигруваат кога ќе мора да имаат дуели со неа пред нашиот гол. Покрај големата дисциплина и вештина во дефанзива, таа е одличен играч во нападот, каде немилосрдно стрела во мрежата на ривалите. Брза, енергична и интелигента девојка која својата вештина ја става во фунција на колективот, вистинско богатство за една екипа. Бојана е ракометар кој со големи чекори напредува во ракометната игра, таа е посветен борец и тимски играч. Запомнете ја оваа девојка, во блиска иднина таа ќе блесне со целиот свој сјај.
1. Како и кога започна да се занимаваш со ракометот и од кога си дел од женскиот ракометен тим „Вардар“?
Од секогаш ме привлекуваше спорт особено ракомет, па затоа моите ме запишаа на десетгодишна возраст да тренирам во Ракометната академија Вардар, поточно во регионалната школа РК Кисела Вода Вардар. Потоа се одеше по свој тек, Јуниор лигата ми овозможи напредок, проект кој е за пофалба, тој пружа можност на младите ракометари да бидат забележани. Потоа со многу труд, желба и залагање по три години тренирање бев примена во пионерската селекција на ЖРК Вардар, што беше исполнување на мојот ракометен детски сон.
2. Запознај не со твојата позиција во тимот на која настапуваш со огромен успех?
Настапувам на позиција десно крило, на истата започнав од самиот почеток каде ме позиционираше мојот прв тренер. Оваа позиција ја сакам многу и уживам да играм, посебно сум среќна кога ри реализирам зададените задачи на крилната позиција. Сметам дека тоа место во екипата ја има истата тежина и одговорност како и сите други позиции во ракометот. Се надевам дека ќе напредувам и понатака со многу труд во едно одлично крило.
3. Што за тебе значи како млада ракометарка и спортист поимот „ВАРДАР“?
Кога сум кај поимот Вардар, тој за мене значи единство. Тоа во мојата перцепција е место каде што секој има тимски дух со зацртани цели. Вардар е институција каде што се играло и секогаш ќе се игра врвен ракомет со врвни ракометари и ракометарки. Вардар е дефиниција за желба и труд, јас сум благодарна што ја имам можноста да бидам дел од овој светски ракометен клуб.
4. Пионерската лига ја завршивме со максимален ефект, без ниеден пораз до пехарот, твој коментар?
Пионерското првенство во првиот дел од сезоната т.е есенскиот дел го започнавме фуриозно. Па така редевме победа по победа, ја контролиравме ситуацијата од почетокот до крајот на полусезоната бевме лидери во нашата група. Следеше пауза отидовме на која заминавме со пет победи од пет одиграни натпревари. Одлично подготвени и мотивирани и втората полусезона ја започнавме со исто темпо. Ваквата консталација на настани ни овозможи да го задржиме лидерското место и на Ф-4 отидовме со нови пет победи. Следеше она вистинското, завршницата каде дадовме максимум и го остваривме нашиот сон кој го имавме уште минатата сезона,пионерскиот пехар.
5. Во кадетската лига бевте далеку помали и потценети, сепак се издигнавте над сите и дојдовте до големиот пехар, како го оценуваш настапот во оваа конкуренција?
За разлика од овде во повозрасната конкуренција во есенскиот дел имавме мал пад, бевме и млади и понеискусни од ривалите. Сепак во пролетниот дел изигравме макасимално со голема желба за Ф-4. Посветеноста на сите девојки и тренерскиот двоец ни овозможи желбата да ни се исполни и со сите победени натпревари во вториот дел и како лидери отидовме на Ф-4 во Прилеп. Можеби отидовме како аусајдери, ама ние верувавме во себе. Следеше пеколен викенд, со одиграни две потешки натпревари со многу желба стигнавме и до пехарот во кадетската конкуренција. Задоволна сум максимално од одиграната сезона, сите девојки беа на висината на задачата тоа го покажува и крајниот резултат кој го постигнавме.
6. Беше дел од ол-стар тимот во повозрасната категорија, што значи за тебе ова признание, колку си задоволна од сопствената игра?
Со многу работа и труд можам да се подобрам, но задоволна и благодарна сум што бев дел и што имав можност да се натпреварувам во двете конкуренции. Мене ме задоволуваат моите настапи, дадов максимум за тимот, но секогаш може подобро. За релативно кратко време ќе започне нова сезона и нови предизвици затоа ќе се трудам и работам повеќе. Мојата освоена награда на кадетското значи потврда на мојот напредок и личен успех. Истата ќе ме мотивира и понатаму да се подобрувам и секако да ја оправдам добиената награда и довербата која ми ја доверуваат тренерите во новата сезона. Во ракометот личните признанија имаат одредена тежина, но клупските пехари отсекогаш за мене биле главна цел и ми значеле повеќе.
7. Пред нас е нова сезона, со какви амбиции и очекувања ќе влезете?
За сезоната која престои моите очекувања и на тимот се секако исти, поскауваме и се надеваме дека повторно ќе го освоиме пехар во двете конкуренции и секако да се подобриме во однос на левелот на кој настапуваме. Во изминатата сезона стекнавме искуство и научивме нови работи. Па така се надеваме и очекуваме повторно да ги освоиме двете круни и со играта и квалитетот да го оправдаме епитетот со кој влегуваме во новата сезона, пионерски и кадетски шампионки. Затоа очекувам да работиме повеќе, по предано, поангажирано и нормално да имаме уште поголема желба.
8. Секој млад спортист обично има свој идол, кој е твојот и каде се гледаш во иднина?
Кога сме кај идеолите, јас имам ракометар за идол не ракометарка. Па така мој ракометен идол е Игор Карачиќ, иако не играме иста позиција тој ми е многу голема мотовација. Токму он ме мотивира поради храброста, решителноста и желбата која ја има додека игра. Сакам и јас да бидам успешна како него, да ги допрам највисоките ракометни височини во мојата кариера. Во иднина секако се гледам во ракомет и се надевам дека ќе достигнам до нивото на мојот идол.
9. Како напредувате вие како тим под водството на тренерите кои ве предводат?
Нашите тренери, дуото Анжела Платон и Марија Папуџиева секојдневно вложуваат максимум во нас. Тие се тука пред се за ракометот, но и ни помагаат да се развиеме како личности, не мотивираат. Имаат многу големо влијание во нашиот напредок како тим, но и како поединци. Исто како што ја имаме ние желбата за пехар така и тие ја имаат и заедно се трудиме да ја достигнеме саканата цел. Оваа сезона имавме заедно имаме преголеми амбиции за пионерскиот пехар, но секако и за кадетскиот. Изминатата сезона блескавме благодарение на нив и на трудот кој го вложија во нас. Па така го освоивме турнир во Гази Баба, во Белград и секако пионерскиот и кадетскиот пехар, затоа искажувам голема благодарност до нив и нивната амбиција да станеме најдобри.
10. За крај која е силата, односно „формулата“ за успех која ја поседувате вие како екипа, а ве дели од останатите?
Силината на овој тим е единството и хармонијата која е присутна, потоа тимскиот дух и желбата. Тоа е формулата што ни носи успеси, заедно со упорноста која ја имаме. Ние како тим сме многу сложни на терен и надвор од него тоа е тоа што ни помага за успехот. Поврзани сме, се бодриме и кога иде и кога имаме потешкотии на натпреварите, едноставно ние веруваме една на друга. Се разбира нормално е кога има сложен тим има и успех.
Михајло Тушевски