Вардар фанс е голем поддржувач на колективи од С.Д Вардар, особено ставаме акцент на младите надежи, досега сме имале серија интервјуа со млади и истакнати членови од сите спортови. Клубот за Реално Аикидо „Вардар“ постои пет години, тој функционира како и сите други вардарови колективи во нашиот главен град, Скопје. Моментално во него членуваат повеќе од 50 членови, a тренинзите се одржуваат во ОУ„Александар Македонски“ во Ново Лисиче. Се работи напорно, вредно и посветено, па така три пати неделно се одржуваат тренинзи.
Екипираноста е нешто што е посебен квалитет, таа е на максимално ново, тренинзите ги водат искусни мајстори со интернационални лиценци за Реален Аикидо. Денес ќе имаме чест да разговараме со еден „Вундеркинд“ на Р.Аикидо клубот Вардар во стручниот дел. Станува збор за младиот и веќе афирмиран во овој спорт, Јосиф Грујовски (11 години), тој е асистент тренер кој е 1ви дан- детски црн појас. Ова млади русокосо момче е нешто кое не може да остане незабележано при секоја посета на тренинг на Вардар. Навидум еден од многумината млади членови кои работат, но само по неколку моменти останувате фасцинирани од неговата појава и работа. Експлозивен, интелигентен, вешт и посветен млад инструктор. На тренинзите работи со младите вардарци, вештините им ги пренесува со многу љубов, енергично и посветено до максимални граници. Кај него менторски способности во микс со неописливата „заразна“ позитивна енергија која ја поседува, создава пријатна и квалитетна атмосфера за напредок на лицата на кои им е ментор.
*За почеток не запознава со неговата „лична карта“ почетоците и тоа дека неговата сестра го инспирирала да започне со оваа вештина во која е максимално успешен. Неколку пати во интервјуто токму неа ја посочува како еден од главните “кривци“ за неговиот вртоглав напредок и започнување на успешната приказна, која ќе се обидеме бар во фрагменти во ова четиво да ви ја доближиме.
-Имам 11 години и со Реалното аикидо како спорт се „дружам“ веќе 7 години. Моите почетоци може да кажам дека беа доста одамна. Започнав да го практикувам овој спорт на само четири годишна возраст, да на само четири години, затоа што тоа е големата предност во оваа вештина, овозможува да почнеш уште во предучилишна возраст. Спортот го засакав поради мојата постара сестра, Симона Грујовска, истата беше моја инспирација да започнам да тренирам. Морам на самиот почеток да потенцирам дека започнав да тренирам Реално Аикидо покрај другото и поради мојот сегашен тренер, одличниот педагог и мајстор на оваа вештина, Антоан Диневски. Станува збор за вистинско „богатство“ на вардаровиот тим, човек кој многу дава за сите нас во клубот.
*Јосиф ни го открива “рецептот“ како од почетник се доаѓа до мајстор во Реалното Аикидо. Воедно ни појаснува како неговиот напредок течел од првото до ова високо скалило на кое е во овој момент, црн појас (1дан), зборува и за првите тренери. Тој ни ја доближува детално формулата за напредување во вештината.
-Најпрво за било каков успех потребна е макотрпна работа, труд, истрајност и секако редовност на тренинзите. Наградата за посветеноста доаѓа секогаш, само треба да се предадеш максимално на својата цел. Пред да се добие црн појас треба да се помине низ повеќе фази односно треба да се полага неколку појаси (жолт, портокалов, зелен, син и кафен). Со многу љубов ги минав сите фази, се предадов максимално и дојдов до зацртаната цел, го остаив „срцето“ во сала со цел да ја остварам целта која ја имав далеку пред мене на хоризонтот кога започнував. За жолт и портокалов појас нема временско ограничување, за зелен и син појас потребно е да помине најмалку половина година за да се полага. Кога станува збор за „кафенот појас„ потребно е да помине најмалку една година, апак за црн е потребно да поминат најмалку 2 години за да се полага. Пред да тренирам во Вардар кај мојот сегашен тренер, тренирав кај мајсторите Крсте Кекев и Маријан Трајковски.
*На тренинзите Грујовски е ментор на детската група, тој ги воведува со голема вештина во овој спорт младите вардарци. Предан и со многу љубов менторира со понеискусните колеги, какво е чуството да си инструктор и несебично да го пренесуваш своето знаење на останатите ќе дознаеме во продолжение.
-Навистина е неописливо тоа чуство, голема е честа е да се пренесува своето искуство и знаење на помалите колеги. Особено сум горд и воедно секојдневно уживам и ме исполнува кога го гледам нивниот напредок. Благородна работа е да си ментор на некого, добиваш взаемна поврзаност и обострана почит, што несомнено на крајот носи загараниран напредок. Поврзаноста со младите членови со кои работам е одлична, едни на други си пренесуваме позитивна енергија, взаемно напредуваме кон целта која ја имаме зацртано како заедничка и кон која чекориме од ден на ден со голем и перманентен напредок.
*На прашањето, што е одлика на Реалното Аикидо, кои предности ги имаат лицата кои го применуваат и кој се може да го практикува, најдобар одговор може да ни даде овој млад мајстор со црн појас од Вардар.
-Реалното аикидо е спорт со кој се учат техники за самоодбрана. Со самото тренирање на овој спорт се добива и повеќе самодоверба, се подобруваат вештините и најважно од се е тоа што се стекнуваат многу пријателства. Тоа е практична и ефикасна вештина за самоодбрана која што ги применува супериорните одбранбени техники, истите се засновани врз законите на природата. На секого би го препорачал овој спорт, истиот може да се стартува во различна животна доба, така кај нас почнуваат да го практикуваат деца од најмала возраст се до луѓе во подоцнежните период од животот. Многумина кои не се пронашле во животот по средбата со овој спорт ќе почуствуваат дека се онаму каде што требале одамна да бидат, дека овде припаѓаат, бидејќи оваа вештина ги исполнува сите сетила на една личност.
*Било кој спорт во светот па и неговиот бара посветеност, преданост, жртви особено за младите спортисти. Додека неговите врсници уживале во безгрижните игри, Јосиф вредно работел на себеусовршување во спортската сала. Колкава и каква треба да биде поддршката од семејството, колку љубов треба да има во „гнездото“ за да се роди еден ваков вонсериски спортист ни открива овој посебен 11.годишник.
-Веројатно како и за повеќето млади спортисти, па така и за мене најважно е семејството, па затоа нивната поддршка е бесценета. Тие ме поддржуваат во секој момент, ме мотивираат и кога немам мотивација и во моментите кога сакав да се откажам од Реалното Аикидо. Тогаш се гледа нивната големина, моите родители кои неуморно се посветени на нашиот напредок и воспитување во нормални и здрави личности токму тогаш тие ме враќаа на вистинскиот пат заедно со остатокот од семејството. Немам дилема воопшто, тие секогаш се моја потпора, мој столб за животните предизвици, едноставно тие се бесценет дел од мојот живот.
*Секој човек, особено неодминливо е тоа кај спортистите, има свој идол. Ова момче со црн појас има идол кој го инспирира за успех во Реалното Аикидо, но и голем пример и идол како спортист. Има среќа со неговиот спортски идол да „дели“ презиме, дом, живот и да го има покрај себе како член од своето семејство, поточно тоа е неговата повозрасна сестра.
-Мојот идол во Реалното Аикидо е Драган Јагодиќ, баш поради фактот што знае како да се однесува со деца и како да им го пренесе своето знаење. Поради тоа еден ден сакам да бидам тренер како него. Мојот спортски идол е мојата сестра, Симона Грујовска, позната во јавноста како голман на ЖРК Вардар. Имав среќа токму неа бог да ми ја даде крај себе, невозможно е една таква сестрана личност да не биде нечиј спортски идол. „Родена“ е да ги прегазува границите, иако има прекрасни карактерни особини ќе ги потенцирам само спортските, иако тоа е личност која во се е перфектна, апсолутно во се е совршена. Па така на 12-13 години дебитираше во сениорска лига, лани беше прв голман на европскиот вице-првак, Вардар. Успеваше се, апсолутно се да помести кога се во прашање границите за возраст на еден спортист. Изминатата сезона со само 15 години имаше најдобри бројки во Вардар, РФМ и даде признание “Најдобар сениорски голман“ во Купот, иако така млада со 15 години бранеше за мак.селекциите У19 и У17. Благодарен сум му на небото што со една таква личност раснам, секогаш беше и ќе биде мојата спортска инспирација, мојот поттик за напредување, мојот пример, мој спортски идол, личноста на која се угледувам. Можам да зборувам до бескрај за нејзе, но ова е доволно да отслика кој е мојот спортски идол.
*Јосиф е дел од вардарово семејство, како и многуте скопски приказни така и оваа на семејството Грујовски е обоена во црвено-црно. За крај на ова инспиративно интервју завршуваме со тоа како младиот мајстор го перцепира и името “ВАРДАР“, бренд во кој со успех настапува како и другиот член од неговото семејство.
-Вардар е спортски бренд како во нашата држава, на балканот па и во светот. Вардар е име што кога ќе се спомене измамува насмевка на лицето, носи пријатно чуство во срцето, топлина на душата и буди убави емоции. Чест и задоволство е да се тренира во Вардар и да се претставува на интернационални семинари, каде секогаш тоа име асоцира на нашата земја. Вардар со сите спортови е нешто посебно, нешто возвишено. Па така и нашиот клуб во Реално Аикидо е одлично екипиран, со своја сала, има богата програма за сите свои членови, ние гордо може да кажеме ние сме сериозен клуб-ние сме ВАРДАР. Прекрасно е да се биде дел од црвено-црното семејство - вели Грујовски.
МИХАЈЛО ТУШЕВСКИ