Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Никола Серафимов: Покажавме дека можеме да се носиме со притисокот и одговорноста на секој меч, се надевам дека ќе продолжиме во ист победнички ритам
Никола Серафимов: Покажавме дека можеме да се носиме со притисокот и одговорноста на секој меч, се надевам дека ќе продолжиме во ист победнички ритам

Никола Серафимов: Покажавме дека можеме да се носиме со притисокот и одговорноста на секој меч, се надевам дека ќе продолжиме во ист победнички ритам

После одигрување на 7.коло, екипата на Вардар е нов лидер на табелата во ПМФЛ. Црвено-црните се наоѓаат во одлична победничка серија од пет натпревари, која им донесе прво место на првенствената табела. Последен кој „падна“ пред налетот на вардарци беше екипата на Силекс, која уште по првите 45 минути прими три гола во својата мрежа. Избраниците на Васоски се наоѓаат во одлична форма, победнички ритам и игра која треба да го краси најтрофејниот клуб во Македонија. Одбраната функционира беспрекорно, на последните пет дуели имаме примено само еден погодок, а еден од столбовите во дефанзивната линија е секако младиот 20-годишен, Никола Серафимов кој е откритието на Васоски во новата сезона. Се работи за играч кој ги има поминато младинските категории на Вардар, а моментално со Новак се прв избор на стоперската позиција во првиот тим. Нашиот медиум направи кратко интервју со младиот Серафимов, кој можете да го прочитате во продолжение.

1. Никола, поминавте многу години во младинската школа на Вардар, дали се надевавте дека еден ден ќе бидете стандарден сениорски првотимец во Вардар ?

-Поминав многу години во академијата на клубот, секако дека се надевав, напорно работев и се стремев кон тоа, еден ден да заиграм за првиот тим на Вардар.

2. Какви се впечатоците од последниот триумф против екипата на Силекс, дуел на кој уште во првиот дел ги решивте дилемите околу победникот ?

0

-На натпреварот со Силекс влеговме максимално мотивирани и ангажирани, со цел да ја продолжиме нашата победничка серија која трае од третото коло. Секако дека не беше лесно против Силекс, но благодарение на одличната игра го решивме натпреварот уште по првото полувреме.

3. Како член во Академијата на Вардар имавте можност да работите со повеќе тренери, дали може да ни издвоите некој кој има улога во вашиот правилен развој и напредок ?

-Додека бев во Академијата на Вардар имав можност да соработувам со многу тренери и секој од нив на некој начин придонесува за правилен развиток на младите фудбалери.  Не би сакал да издвојувам имиња, затоа што би било неблагодарно, но сепак би ги споменал Туш Зефиќ, Влатко Колев, Сашо Тодоровски, Бобан Бабунски и Раденко Бојовиќ.

4. Една сезона поминавме како позајмен играч во Штипска Брегалница, колку овој клуб ти овозможи да напредуваш и да се стекнеш со играчко искуство ?

0a

-Минатата сезона ја поминав како позајмен играч во екипата на Брегалница. Мислам, дека тоа беше една правилна одлука, затоа што ми беше потребна поголема минутажа со цел да стекнам поголемо искуство. Можам да кажам дека тоа е една прекрасна средина, каде секој млад играч би имал можност да се развива и напредува. Поминав една цела прекрасна година во Штип и би сакал да се заблагодарам на сите луѓе во клубот.

5. Вардар е во серија од пет победи, играте одлично и сте на лидерската позиција, што можеме да очекуваме од тимот во продолжение од сезоната ?

-Влеговме во серија од пет последователни победи и покажавме дека можеме да се носиме со притисокот и одговорноста на секој натпревар, иако се работи за доста подмладена екипа. Се надевам дека ќе не послужи здравјето пред се, и деќа ќе продолжиме во ист ритам и на следните натпревари.

Васоски ви пружи прилика да бидете дел од првиот тим, колку вие сте задоволни од вашиот придонес на теренот ?

-Тренерот Александар Васоски ми ја даде шансата да бидам дел од првиот тим оваа сезона, јас маскимално се трудам на секој тренинг и натпревар да ја оправдам довербата, која што ја добив од него и од целиот стручен штаб, истакна младиот Серафимов

Звонко Ивановски