Вардарци ја запишаа и третата победа во СЕХА-лигата оваа сезона, откако славеа на гостувањето кај екипата на Татран Прешов. Заслужен триумф за црвено-црните кои имаа предност во текот на целиот натпревар, за на крајот да слават убедливо со резултат 22:29. Тренерот Писонеро очекувал тежок меч, но изрази задоволство од високата победа.
-Мечот имаше добар ритам во првото полувреме, тоа беше голема борба. Во второто полувреме го подобривме нападот и направивме добра предност. Очекувавме тежок натпревар како што е секогаш во Прешов и малку сум изненаден и задоволен што дуелот заврши со ваква гол разлика на крајот.
Свој удел во победата имаше и пикерот, Сикошек Пелко кој постигна три голови од исто толку обиди кон противничкиот гол.
-Влеговме уморни на овој натпревар и знаевме дека нема да биде лесно. Татран Прешов е тежок противник, па добро е кога ќе победиш на овој терен. Добро е што и ние помладите играчи добивме шанса за игра и среќни сме поради тоа, изјави Пелко.