Генерацијата 2005 на ФК Вардар со убедлива победа го потврди пласманот во полуфиналето од Купот на Македонија. Денес на теренот на Академијата, избраниците на Зоран Петковски го одиграа реванш дуелот од 1/4 финалето против екипата на Академија Пандев.
Откако славевме и на првиот дуел одигран во Струмица, денес нашите млади надежи со убедлив триумф го потврдија учеството во најдобрите четири екипи на националниот куп. Академија Пандев издржа само едно полувреме, кога успешно одолеваше на нашите напади, по истекот на првите 40 минути резултатот беше непроменет 0:0, иако вардарци имаа неколку шанси да го отворат резултатот.
Сепак после само четири минути игра во второто полувреме, капитенот Никола Величковски погоди за предност од 1:0, додека истиов играч во 50 минута му донесе водство на Вардар од 2:0 по што веќе беше познато кој ќе ги продолжи настапите во Купот. Вардар и покрај предноста, продолжи со офанзивната игра, која беше наградена со уште два гола. Најпрво во 53 минута резултатот на 3:0 го зголеми Давор Серафимов, за конечните 4:0 на овој дуел да бидат дело на Горјан Цветков.
Вардар: Филевски, Јакимовски, Таневски, Кулуковски, Јовановски, Спасиќ, Величковски (c), Цветков, Антевски, Дошев, Серафимов.
Во игра влегоа уште и Илиевски, Николовски, Стефановски, Каланоски и Уневски.