Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Дерби во 9 коло на младинските категории, помеѓу екипите на Вардар и Металург
Дерби во 9 коло на младинските категории, помеѓу екипите на Вардар и Металург

Дерби во 9 коло на младинските категории, помеѓу екипите на Вардар и Металург

Викендов продолжуваат натпреварите во првенството на младинските фудбалски категории. Дербито во 9 коло ќе биде помеѓу екипите на Вардар и Металург. Помладите пионери и пионери се домаќини, додека кадетите и младинците на Вардар ќе гостуваат на Железара.

-Помладите пионери после неочекуваниот пораз во купот против Шкендија се враќаат на првенствените мечеви. По лошиот резултат во првиот дуел од 1/4 на купот на домашен терен, сега сите сили до крајот на сезоната ќе бидат насочени во лигата, каде оваа генерација се наоѓа на првото место. Помладите пионери се сеуште единствените кои не се поразени во првенството со вкупно седум победи и само еден нерешен резултат. Металург е нивниот најголем конкурент за врвот, кои се наоѓаат на второто место. Избраниците на Сашо Јанев треба да го заборават што побрзо оној куп дуел и со мислите да се насочат кон утрешното дерби. Со триумф ќе ги зголемат шансите за есенска титула, но и осетно ќе се одалечат на табелата од тимот на Металург. Овој дуел ќе се игра во сабота на теренот на локомотива, со почеток од 10 часот.

-Пионерите во одлично расположение го дочекуваат ова дерби, против своите врсници од Металург. Во првиот меч во рамките на 1/4 од купот беа подобри од екипата на Победа, со резултат 3:0. Во претходното лигашко коло одиграа без победник 1:1, против екипата на Македонија Ѓ.П. Дерби натпреварот со Металург ќе се одигра на теренот на локомотива, со почеток од 12 часот.

-Кадетите се наоѓаат во одлична форма, после победите во првенството против Македонија Ѓ.П (2:0) и во купот против Младост Ц.Д (1:4). Тие се наоѓаат на второто место на табелата и ќе се обидат со победа од овој дуел да ја задржат борбата за врвот. Натпреварот ќе се одигра на Железара, со почеток од 9 часот.

-Нема многу одмор и за младинците на Вардар, кои вчера забележаа триумф на гостински терен, против Шкупи. Овој натпревар беше од 1/4 на купот и заврши со резултат 1:2. Вистинско дерби ќе биде мечот помеѓу Металург и Вардар, кои се на врвот на табелта и најголеми конкуренти за титулата на крајот од сезоната. Мечот ќе започне во 11 часот на Железара.