Полека се ближи крајот на групната фаза во ракометната Лига на Шампиони. Претстојниов период ќе се одигра претпоследното коло во најсилната група Б.
Со мечот меѓу екипите на Мотор Запорожје и Киелце ќе стартува 13.коло во групата Б, натпревар кој ќе се одигра во четврток. Тука не би требало да има дилеми околу конечниот победник. Мотор Запорожје одамна ги загуби шансите за евентуален пласман во следната рунда, додека Киелце се уште има теоретски шанса и за освојување на второто место. Екипата на Мотор ја напуштија и четири играчи, додека после поразот од Вардар, отказ доби и главниот тренер. Во таква една раздрмана ситуација, украинците се голем „аутсајдер во дуелот со Киелце.
Во сабота, Вардар ќе го одигра можеби и одлучувачкиот натпревар за пласман на 5.позиција во групата. Избраниците на Стевче Алушовски гостуваат кај екипата на Порто, која е најпријатното изненадување оваа сезона во ЛШ. Вардар има еден бод повеќе од противникот, па евентуална наша победа ќе значи и теоретски обезбедено петто место во групата. На првиот меч кој се одигра во С.Ц. Јане Сандански, црвено-црните го добија Порто со резултат 32:27, но со пресврт во вториот дел, со оглед дека на полувреме имавме негатива од два гола. Имаме проблеми со составување на екипата, тоа не се почувствува на дуелот со Мотор, но ова ќе биде еден поинаков натпревар, кој се надеваме дека ќе го добиеме. За Вардар „математички“ е возможно дури и освојување на 4.место во групата. За тоа да се случи, Вардар треба да го добие најпрво дуелот со Порто, а потоа во последното коло на домашен терен да го победиме Монпелје, кој треба да загуби и викендов од тимот на Веспрем.
Единствениот меч кој нема резултатско значење во ова ова коло, ќе биде мечот на Брест Мешков со Кил. Белорусите без разлика на исходот од последните два натпревари немаат шанси за пласман во осминафиналето, додека Кил со триумфот над Веспрем во минатото коло, веќе го обезбеди првото место во групата.
Дербито на колото ќе се одигра во „Веспрем Арената“ каде Веспрем е домаќин на Монпелје. Разликата на табелата е само еден бод во корист на Веспрем. Евентуална победа за унгарците ќе значи и обезбедување на втората позиција во групата, но доколку Монпелје победи ќе се искомплицираат работите за конечниот пласман на табелата, во пресрет на последното коло. Сепак, Веспрем е фаворит за освојување на бодовите на овој натпревар.
Термини за мечевите од 13 коло во најсилната група Б:
Мотор Запорожје – Киелце ( четврток) 17:30
Порто – Вардар ( сабота) 16:00
Брест Мешков – Кил ( сабота) 17:30
Веспрем – Монпелје ( недела)